АНКАРА (АА) - Anadolu Agency по третпат го организира меѓународниот натпревар во новинарска фотографија „Istanbul Photo Awards 2017“, а пријавувањето ќе започне на 1 ноември.
Пријавите ќе можат да се достават на интернет-адресата „http://istanbulphotoawards.com“, до 31 јануари 2017 година.
Овој натпревар е поддржан од премиерскиот фонд за промоција и Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), додека официјален спонзор е „Туркиш ерлајнс“. Натпреварот е организиран во 8 категории и „Млад фотограф“, со вкупен награден фонд од 133.000 долари. Првопласираните во секоја категорија ќе добијат парична награда од 8.000 долари, второпласираните 5.000, додека третопласираните натпреварувачи ќе добијат парична награда од 3.000 долари.
Меѓу првопласираните наградени фотографии ќе биде направен посебен избор за „Фотографија на годината“, чиј автор ќе добие парична награда од 10.000 долари.
За првпат оваа година ќе биде доделена наградата „Млад фотограф“, во висина од 3.000 долари, за фотографија што е дело на фотографи под 28 години.
Резултатите од овој натпревар ќе бидат објавени кон крајот на месец март.
- Воведени се нови категории во натпреварувањето -
Меѓународното натпреварување коешто се организира во претходните две години предизвика голем интерес кај професионалните фотографи од цел свет. Оваа година, во натпреварувањето се воведени нови категории.
Подетални информации за овој натпревар даде главниот и одговорен уредник на Anadolu Agency за визуелни вести, Ахмет Сел. Тој истакна дека во претходните години натпреварувањето се одвивало во категориите единечна фото-вест, вест фото-приказна, единечна спортска фотографија, спортска фото-приказна. Од оваа година се воведуваат и категориите единечна фотографија за природа и животна средина, фото-приказна за природа и животна средина, единечен портрет и категоријата групен портрет.
Главниот и одговорен уредник за визуелни вести на АА, Сел рече: „Со воведувањето на ‘Наградата за млад фотограф’, сакаме да им дадеме поддршка во работата на способните фотографи под 28 години“.
Сел вели дека новите категории ја збогатиле содржината на натпреварувањето и смета дека „Istanbul Photo Awards“, кои станаа едно од најзначајните натпреварувања меѓу новинарските фотографи во светот, оваа година ќе успеат со новововедените категории да го привлечат учеството на поголем број професионални фоторепортери.
Од информативен аспект, главниот и одговорен уредник за визуелни вести на АА, Сел рече дека живееме во година исполнета со многу настани и додаде дека очекува да учествуваат познати светски фоторепортери со своите квалитетни трудови.
- Обновена веб-страницата на „Istanbul Photo Awards“ -
Директорката на АА за корпоративни комуникации, Есра Киречџи, информираше за извршените измени на обновената страница на „Istanbul Photo Awards“.
Директорката Киречџи изјави: „Меѓународниот натпревар во новинарска фотографија „Istanbul Photo Awards“ оваа година се организираат по третпат во организација на Anadolu Agency. Аплицирањето за натпреварот започнува на 1 ноември. Ја обновивме нашата интернет-страница, која со својот нов лик ќе се претстави пред фоторепортерите. На интернет-страницата се дадени сите информации во врска со натпреварот, а таму може и директно да се аплицира за натпреварувањето“.
Киречџи истакна дека и оваа година очекуваат да се пријават голем број познати имиња од целиот свет, како што тоа се случува во последните две години. Членовите на жири-комисијата ќе бидат познати имиња, кои за кусо време ќе бидат објавени.
Директорката додаде дека минатиот месец отвориле изложба, во Музејскиот кварт (MuseumsQuartier) во Виена, додека на 1 ноември изложбата ќе биде отворена во седиштето на Обединетите нации во Њујорк. „Во третата година од постоењето, ова натпреварување веќе е препознатливо, и ние сме горди што успеавме во тоа“, рече директорката за корпоративни комуникации на АА, Киречџи.
- Жири-комисијата ја сочинуваат познати имиња од областа на фотографијата -
Мината година, членови на жири-комисијата на „Истанбулските фото-награди“ беа директорот на шангајскиот центар за фотографија и добитник на пулицеровата награда за фотографија Лу Хонг Шинг, директорот за фото-дистрибуција на информативната агенција„ АФП“, Мишел Ското, Гијом Хербаут – добитник на Ворлд пресс фото, главниот и одговорен уредник на Anadolu Agency за визуелни вести Ахмет Сел, уредникот за фотографија на АА, Фират Јурдакул, светски познатиот фоторепортер Лорент Ван дер Стокт, уредникот на фотографија на „Њузвик“, Џемс Велфорд, кој од страна на Националната асоцијација на фоторепортери на САД во 2013 година беше прогласен за „Уредник на годината за фотографија“, директорот на „Гети имиџис“, Жорж Де Керл, добитникот на Пулицерова награда за фотографија и добитик на „Истанбулските фото-награди 2015 – Фотографија на годината“, Даниел Берехулак и неколкумина други познати фотографи. И оваа година, жири-комисијата ќе ја сочинуваат доајени на полето на фотографијата.
- Се пријавуваат најдобрите светски новинарски фотографи -
Минатата година, на натпреварот за новинарска фотографија на „Истанбулските фото-награди“, наградата за „Фотографија на годината“ му припадна на Абд Домени, за фотографијата под наслов „Крици за помош на децата од Сирија“. Сергеј Пономарев, кој за весникот „Њујорк тајмс“ ја направи фотографијата „Бегалци“, на минатогодишниот натпревар, во категоријата единечна вест ја доби првата награда. За истата фотографија, Пономарев ја доби и Пулицеровата награда.
Даниел Берехулак пред две години ја доби наградата „Фотографија на годината“ за 2015 година, со фотографијата за епидемијата на ебола изработена во Либерија. По добивањето на наградата на „Истанбулските фото-награди 2015“од страна на Anadolu Agency, Берехулак ја доби Пулицеровата награда. Фотографиите што ја освојуваат наградата на „Истанбулските фото-награди“, две години по ред се добитници и на Пулицеровата награда, со што се појавија коментари дека „Истанбулските фото-награди“ станаа показател за добитниците на Пулицеровата награда.
- Продолжуваат изложбите со наградените фотографии, во Турција и во странство -
По завршувањето на Меѓународниот натревар за новинарска фотографија „Истанбулските фото-награди 2016“, ќе бидат организирани изложби со наградените фотографии, во Турција и во странство.
Првата изложба ќе биде организирана во Уметничкиот центар „ЦерМодерн“ во Анкара, а веднаш потоа во Музејот за фотографија во Истанбул.