Gülsüm İncekaya
24 Јануари 2017•Ажурирај: 24 Јануари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - ЃУЛСУМ ИНЏЕКАЈА -
Истражувачите и универзитетските професори ги бараат причините и можните превентивни мерки за расизмот во Европа, кој во последните години забрзано расте, јавува Anadolu Agency (AA).
Во последниве години, во голем број од европските земји, меѓу кои и Германија, Англија, Холандија, во подем се екстремно десно ориентираните партии и движења.
Овие движења во последно време се обидуваат да придобијат симпатизери со својата политика против бегалците, особено против бегалците муслимани.
Во Германија е основана организацијата Патриотски Европејци против исламизацијата на Западот (ПЕГИДА), која го привлекува вниманието со екстремно десно ориентираните говори, кои преоѓаат во расизам.
Истражувачите и универзитетските професори продолжуваат со истражувањата, сакајќи да ги откријат причините за сѐ поголемиот расизам што се шири низ Европа.
- „На виделина излезе вистинското лице на Европа“ -
Универзитетските професори што ја истражуваат исламофобијата, за АА говореа за причините што доведуваат до појава на расизам во Европа, кој во последниве години забрзано расте, као и за можните превентивни мерки што би можеле да бидат преземени.
Доцент д-р Питер Полак Спрингер, професор на Катарскиот универзитет, истакна дека во последните години постојат повеќе фактори што придонесуваат за зголемување на отпорот кон муслиманите во Европа.
Д-р Спрингер вели дека приливот на бегалци само повеќе го поттикнал отпорот кон муслиманите. Според него, кога десетици илјади бегалци застанале пред границите, на виделина излегло вистинското лице на Европа. „Сметам дека со објавувањето на расистичките вести во европските медиуми, во кои се претеруваше со бројките и информациите, при што се заземаше страна, во европската заедница почна да се зголемува исламофобијата“, изјави д-р Спрингер.
Тој понатаму вели дека европските политичари се обидуваат со теории на заговор да го заплашат народот. „Особено е несфатлив непријателскиот став кон бегалците од страна на лидерите на источноевропските земји. Овие лидери го раширија стравот дека муслиманите ќе им ја земат земјата, што во потполност претставува теорија на заговор. Мојата земја Полска, која е мошне хомогена земја, потребно е повторно да ја постигне таа хетерогеност, бидејќи има потреба од разлики и разновидност. Тоа е можност за мојата земја, тоа ќе биде придобивка за мојата земја“, изјави д-р Спрингер.
- „Исламофобијата се користи во политичките трки“ -
Д-р Елена Лукиних, професор на германскиот Универзитет „Олденбург“ смета дека политичките партии во Европа го користат исламот како предмет во политичката борба, со што само повеќе ја зголемуваат тензијата.
„Сѐ уште е рано да се каже нешто за прашањето каква иднина ги очекува муслиманите во Европа. Но факт е дека исламофобијата е голем проблем денеска. Отпорот кон исламот многу брзо се зголемува. Потребно е да се сопрат нападите врз муслиманите во Европа. Мораме сите ние да работиме во таа насока. Принудени сме меѓу двете заедници, меѓу двете култури, одново да воспоставиме разбирање и толеранција“, вели д-р Лукиних.
Д-р Лукиних смета дека екстремно десните политички партии, користејќи ја исламофобијата, на заедницата ѝ предизвикуваат многу сериозна штета. „Десно ориентираните политичари и партии ги потикнуваат стравот и омразата. Го провоцираат народот против муслиманите. Истакнувајќи ја состојбата на масовни миграции, ги предизвикуваат луѓето. Сметам дека на тој начин се обидуваат во европските општества да го зголемат стравот“, процени д-р Лукиних.
Д-р Лукиних смета дека апсолутно е потребно да се изнајде решение за размислувањата против исламот и додава: „Потребно е да сфатиме дека нацијата не е дел од државата како идеологија, туку дека таа е дел од заедничките човечки вредности. Само на тој начин ќе можеме да се ослободиме од ектремниот национализам. Она што треба да го прифатиме од уште од почетокот, независно дали станува збор за Германија, Сирија или за некоја друга држава, е дека луѓето се исти и еднакви“.