Selen Temizer
19 Ноември 2017•Ажурирај: 20 Ноември 2017
АНТАЛИЈА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека е неприфатливо, на кој било меѓународен собир, да учествува делегација на терористичката организација ПКК/ПЈД и дека Турција за тоа ги известила и другите земји-гаранти на мировниот процес во Сирија, односно Русија и Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу денес во Анталија се состана со рускиот и иранскиот колега Сергеј Лавров и Џавад Зариф, а по состанокот изјави дека тоа бил еден вид подготвителен состанок за самитот на лидерите на трите земји што ќе се одржи на 22 ноември во Сочи.
Потсетувајќи дека делегациите на претставниците на трите земји се состанаа и вчера во Техеран, Чавушоглу истакна дека претседателите на овие земји на претстојниот самит во Сочи ќе го анализираат постигнатото и ќе разговараат за следните чекори во врска со мировниот процес за Сирија.
„Во рамките на мировниот процес во Астана направивме значајни чекори, а особено тоа се однесува на нашите и руските напори за следење на имплементацијата на мировниот договор на терен во воспоставените сириски зони без судири. Во споредба со минатата година, ситуацијата на теренот во Сирија е значително подобра. Сепак, сѐ додека не се постигне трајно политичко решение, мораме да ги одржиме овие напори и да ја продолжиме борбата против терористичките организации, како ДЕАШ. Од друга страна, треба повеќе да сме истрајни за изнаоѓање политичко решение за кризата во Сирија“, порача Чавушоглу.
На прашањето од новинарите дали на т.н. Конгрес на народите од Сирија, кој Русија планира да го одржи во Сочи, ќе биде поканета и делегација на терористичката организација ПКК/ПЈД, Чавушоглу изјави дека тоа е многу чувствително прашање и дека учеството на таа група на кој било меѓународен собир е неприфатливо.
Чавушоглу исто така нагласи дека и Русија и Иран наскоро ќе испратат воена набљудувачка мисија на периферијата на Идлиб, во чија внатрешност веќе се ангажирани турските сили.