Diyar Güldoğan
26 Јануари 2016•Ажурирај: 27 Јануари 2016
МОСКВА (АА) - Русија е подготвена за конструктивна соработка со западните партнери, но односите нема да бидат како порано, изјави денес рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, јавува Anadolu Agency (AA).
Лавров на годишната конференција за новинарите за резултатите на надворешната политика во 2015 година рече дека Русија нема да му дозволи на Западот да ги казнува поради водењето независна надворешна политика и дека таквите обиди треба да заминат во историјата.
„Ние сме подготвени за конструктивна соработка со западните партнери, вклучувајќи ја Европа и САД. Ние сме за отворен, прогресивен развој во нашите односи но само на рамноправни и взаемно корисни основи, без мешање во внатрешните работи”, рече Лавров.
Додаде дека меѓународната соработка е „единствен начин”, и дека Русија сака да гради мост меѓу Европа, Евроазија и Пацификот.
„Нашите западни партнери понекогаш говорат дека со Русија нема веќе ,бизнис како обично' и јас сум уверен дека е тоа така. Тука се сложуваме. Веќе нема да има ,вообичаен бизнис', кога се обидуваа да ни наметнуваат договори кои се однесуваат само на интересите на ЕУ или САД”, рече Лавров.
Шефот на руската дипломатија изјави дека Москва „не е заинтересирана за слабеење на ЕУ, туку за единствена и силна Европа со која е убаво да се работи”.
Во врска со несогласувањата на САД и Русија за улогата која сирискиот претседател Башар ал-Асад треба да ја одигра во било каква транзиција, Лавров рече дека Москва не побарала од сирискиот претседател да се повлече од власта ниту му има понудено политички азил. Тој во врска со тоа нагласи дека сирискиот народ треба да одлучи за судбината на Асад.