Hajer M'tırı
30 Јуни 2016•Ажурирај: 01 Јули 2016
ПАРИЗ (АА) - Русија и Турција би можеле наскоро да го обноват дијалогот за решавање на сириската криза, како дел од нормализацијата на односите помеѓу двете земји, изјави вчера рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на заедничката прес-конференција заедно со неговиот француски колега Жан Марк Ајро во Париз, Лавров рече дека „вратите за нормализирање на односите со Турција се отворени” откако Анкара изрази сочуство на семејството на рускиот пилот чиј авион беше погоден поради нарушување на турскиот воздушен простор во ноември 2015 година.
„Верувам дека заедно со нашите турски партнери ќе ја продолжиме соработката за решавање на сириската криза” , изјави Лавров.
Тој рече дека ќе се сретне со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, на Конференцијата за црноморска економска соработка во рускиот град Сочи, која ќе започне утре.
„До неодамна имавме многу блиски контакти со Турција во врска со сириското прашање, но тие беа прекинати поради причините кои сите ги знаеме , изјави Лавров.
Изјавата дојде по вчерашниот телефонскиот разговор помеѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган.
Двајцата лидери дискутираа во врска со билатералните односи, соработката за регионални прашања и хуманитарните кризи и се согласија за обнова на соработката, и во областа на трговијата, туризмот и борбата против тероризмот.
И францускиот и рускиот министер за надворешни работи го осудија терористичкиот напад на аеродромот „Ататурк” во Истанбул, во вторникот, кој зеде 42 жртви, вклучувајќи и странски државјани, додека стотина од нив се ранети.
Лавров и Ајро се согласија за потребата од заедничка борба против тероризмот.
„Во моментов сакаме да ја изразиме нашата солидарност со турскиот народ, со сите наши пријатели, да изразиме сочуство на семејствата на жртвите... со тоа што ќе ја зајакнеме меѓународната соработка во борбата против тероризмот ”, изјави Ајро.
Лавров, исто така, ја повика меѓународната заедница да се обедини во борбата против тероризмот, а посебно против терористичката организација ДАЕШ.