Hakan Ceyhan Aydoğan
03 Мај 2016•Ажурирај: 04 Мај 2016
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека наскоро е можно воспоставување примирје на целата територија на Сирија, вклучувајќи го и сирискиот град Алепо, јавува Anadolu Agency (AA).
Лавров во Москва се сретна со Специјалниот пратеник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Стефан де Мистура.
“Во моментот при крај се преговорите меѓу руските и американските одговорни воени страни за донесување на одлука за прекин на огнот и се надевам дека во наредните часови одлуката за постигнување на договорот ќе биде објавена“, рече Лавров на прес-конференцијата по остварената средба.
Притоа потсети дека минатиот петок во Дамаск, САД и Русија наишле на согласност за донесување одлука за примирје во северниот дел на Латакија и областа на Источна Гута.
“Заедничка цел на Русија, САД и ОН е продолжување на оваа одлука и нејзино остварување на неопределен период“, истакна Лавров.
Тој посочи дека наредните денови, ќе биде основан Руско-Американски координациски центар во Женева, во рамките на ОН, за набљудување на процесот на примирје во Сирија. Во истиот центар заедно ќе работат руски и американски експерти, како известувачи и проценители на состојбите. Лавров истакна дека очекува „во догледно време“ да се одржи состанок на Меѓународната група за поддршка на Сирија, но за решение е потребно да се изнајдат нови шеми.
Едностраното одложување на присуство на опозицискиот Висок комесеријат за преговори (MYK) на средбите во Женева, кои се одвиваат под раководство на ОН, поради растечките тензии во последните недели, Лавров го смета за неприфатливо.
Специјалниот претставник, Мистура, цени дека новиот набљудувачки Центар на Руско-Американско партнерство, ќе има значителна улога за понатамошниот позитивен развој на настаните во поглед на оддржување на донесеното примирје.
“Имам надеж и чувство дека ова примирје ќе заживее а тоа е најважно“, рече Мистура, притоа истакнувајќи дека по последните вести за новонастанатите тензии во Сирија, може да се каже дека истите се доста непредвидливи.