Sinan Uslu
11 Јули 2017•Ажурирај: 12 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, порача дека геноцидот во Сребреница е еден од најсрамните случувања во историјата на човештвото и им оддаде почит на убиените жртви, а на семејствата и народот на Босна и Херцеговина им посака трпение, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод одбележувањето на 22-годишнината од геноцидот во Сребреница, турскиот претседател објави порака во која наведе дека е болно сеќавањато на геноцидот што се случи на денешен ден во Сребреница пред очите на силите на Обединетите нации, кои претходно Сребреница ја прогласија за безбедна енклава, а потоа пасивно го гледаа убивањето на сребреничани.
Ердоган порача дека поради геноцидот што се случи во Сребреница, мир никогаш нема да имаат кукавиците кои на крволочните злосторници им ги предадоа в раце 8.372 невини жртви, меѓу кои стари и млади, и мажи и жени.
„Со цел ова ужасно злосторство да не се повтори, потребно е заслужената казна да ја добијат сите оние кои на било кој начин се одговорни за ова“, порача Ердоган и додаде дека денес, со цел да се зачува мирот во Сребреница мора да се спречи ширењето на идеологијата на омразата, расизмот и исламофобијата.
Турскиот претседател, исто така порача дека не треба да се дозволи да се заборави, да се омаловажува или негира геноцидот што се случи во Сребреница.
„За секоја пофалба се напорите на народот на Босна и Херцеговина кој сака да живее во мир со сите свои соседи, и покрај многубројните злосторства и неправди кој ги искуси во минатото. Зачувувањето на богатството на мултиетничноста и мултикултурноста во Босна и Херцеговина е најдобар одговор на сите оние кои се обидуваат да го загрозат мирот. Веруваме дека за иднина полна со надеж треба да не се заборави преживеаната трагедија, туку да се поттикнува на безбедност, пријателство и соработка“, порача Ердоган.
Турскиот претседател ја повика меѓународната заедница со конкретни потези да го поддржи зачувувањето на суверенитетот и интегритетот на Босна и Херцеговина, како и да ѝ помогне да го олесни процесот на нејзините европскаи и евро-атлантски интеграции.