Kerem Kocalar
15 Декември 2016•Ажурирај: 16 Декември 2016
ГАЗИАНТЕП (АА) - Поранешниот министер во владата на Башар ал Асад, Есеад Мустафа, во изјава за АА рече дека светот не треба да ги затвора очите пред случувањата во Алепо, јавува Anadolu Agency (AA).
Мустафа беше и министер за одбрана во транзициската влада на Сирија. Тој истакна дека светот без да губи време треба да ги преземе потребните чекори во врска со Сирија.
„Колку што можевме се обидувавме да му помогнеме на Алепо, но сега и тоа веќе не е можно. Алепо е под опсада и блокада. Моментно Русија, Иран и Хезболах, како и повеќе од 20 шовинистички организации го држат Алепо под опсада. Западот и понатаму молчи. Не презема никакви чекори за да го спаси Алепо“, вели поранешниот министер Мустафа.
- „Од Европа очекуваме повеќе од осуда“ -
„Се плашиме дека Алепо ќе се претвори во масовна гробница“, истакна тој.
„САД, ОН и Европа не прават ништо. Ова важи и за арапските земји. Не можат да донесат важна одлука. Не одговорија ни минимално на проблемите на Алепо. Не се прави ништо за да се спречат настаните. Не можеме да молчиме за случувањата во Алепо. Не можеме да ги напуштиме децата, жените и старците во Алепо што се наоѓаат под урнатините. Од нашите пријатели, браќа, бараме да ги преземат потребните чекори, најмногу поради човештвото. Денес или утре е крајниот ден да се преземат вакви чекори. Нели ОН е основана за да ги запира војните и да ги заштитува правата на невините луѓе? Тогаш зошто не презема ништо за Алепо? Очекуваме Европа да преземе чекори што ќе бидат повеќе од осуда. Очекуваме да преземат чекори против убивањата на Русија, Иран и режимот“.
- „Народот на Алепо никогаш нема да замолчи откако загинаа еден милион херои“ -
Мустафа рече дека што и да се случи, луѓето во Алепо нема да се откажат од отпорот. „Луѓето и бунтовниците нема да го напуштат Алепо, затоа што Алепо е нивен дом. Тие ја очекуваат потребната поддршка од пријателите и браќата. Лошо е ако се мисли дека со уништувањето на Алепо ќе заврши отпорот. Како и во историјата, ниеден отпор во светот не завршил на овој начин. Алепо е најголемиот отпор во историјата. Секој свесен човек нека се запраша. Тогаш можеби нешто ќе се промени“, вели тој.
Мустафа истакна дека Алепо е еден од најстарите градови во светот. „Се надевам дека оваа шовинистичка коалиција нема да го проголта Алепо и дека нема да ја сменат демографската структура во регионот. Во името на народот на Алепо го барам правото на Алепо од светот. Го барам правото од заедниците во светот за децата, старите и жените во Алепо. Им се обраќам на западните земји, спречете го веќе ова крвопролевање“.
- Операцијата „Штитот на Еуфрат“ -
Мустафа изјави дека операцијата „Штитот на Еуфрат“ била поздравена од страна на сите цивили и дека оваа операција е првиот чекор за формирање тампон-зона со цел сириските бегалци мирно да го продолжат животот.
Тој вели дека ДЕАШ е терористичка организација што им наштетува на луѓето и дека ПЈД е нивни сојузник. „ДЕАШ, ПЈД и режимот војуваат за заедничка цел“, додава тој.