Orhan Güvel
01 Март 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
ТУНИС (АА) - Земјата на Магребот, Тунис, препознатлив по градовите во бело-сина комбинација и по мирисот на јасминот, на посетителите им нуди патување низ времето, пишува Anadolu Agency (AA).
Посетителите на истоимениот град, Тунис, кој воедно е и главен град на оваа земја, на авенијата „Хабиб Бургуиб“ имаат можност да ја видат статуата на филозофот и историчар Ибн Халдун.
Меѓу местата што треба да се посетат е и стариот дел на градот. Во близина се наоѓа чаршијата во која трговците ги фалат своите производи украсени со препознатливите симболи на Тунис.
Разнобојни килими, дрвени кукли, торби, фесови, слатки, урми, порцелан, пустинската роза (природна творба што настанува со мешање и кристализација на минералите на гипсот и баритот со пустинскиот песок), разнобојна облека својствена за Тунис, но и зачините, се само некои од производите што можат да се најдат на тезгите од чаршиите во Тунис.
Во централниот дел од градот, туристите имаат можност да посетат многубројни верски објекти и верски училишта стари по неколку века, а потоа да одмораат пиејќи локални напивки и уживаат во храната. Меѓу јадењата што се застапени на менито, речиси во сите ресторани, се кускусот и разни видови риба.
Угостителите за пиење неретко препорачуваат домашно кафе, зелен чај со ментол или сок од портокал.
Меѓу верските објекти се истакнува џамијата „Ал-Зајтуна“, а покрај многубројните верници и туристи, нејзиниот голем двор го посетуваат и гулабите, кои парадираат покрај ѕидовите и столбовите украсени со различни мотиви, симболи на џамијата.
Често е посетена и џамијата на Хамуд Паша, направена во 17. век, чие минаре има октоаголен облик.
Исто така, меѓу атракциите не заостанува и катедралата „Акрополиум“, позната и по називот катедрала „Сент Луис“, а во нејзина близина се наоѓа и музејот на отворено. Катедралата зрачи со француска архитектура, а со столбовите и мотивите во внатрешноста предизвикува воодушевување кај посетителите.
Еден од симболите на градот е и музејот „Бардо“ во кој, меѓу другото, се изложени мозаици од римскиот период. Тунис е домаќин и на Филмскиот фестивал во Картагина, а во него се наоѓаат и многубројни музеи на отворено.
Државата Тунис може да се пофали со голем број научници, политичари, мислители, но и војсководци. Што се однесува до јазикот, на туристите не им е доволно да знаат само англиски јазик, бидејќи најмногу се користат францускиот и тунискиот арапски јазик.
Околу два часа возење од Тунис е оддалечен Кајруан, познат по килимите. Едно од местата по кои е познат овој град е џамијата „Укбе бин Нафи“, како и работилници за килими.