Cebrail Caymaz
11 Јануари 2022•Ажурирај: 12 Јануари 2022
КИЛИС (АА)
– ЏЕБРАИЛ ЏАЈМАЗ
Сирискиот сликар Хусам Телибини кој живее во Килис создава прекрасни уметнички дела на суви лисја од чинар.
Хусам Телибини (33), кој дошол во Килис пред 8 години од сирискиот град Азез, ја продолжил својата уметност сликајќи на собраните листови од чинар кои му го привлекле вниманието додека шетал.
Телибини, кој своите дела ги изработува со црн молив, масло, акрил, акварел и со сол, по обработката на сувите лисја, тој црта слики на нив и ги претвора во уметнички дела.
Хусам Телибини за Агенција Анадолија (AA) истакна дека се населил во Килис пред 8 години, во градот доброволно држел часови по сликарство околу 2 години и го основал Клубот на ликовни уметности Килис со 15 луѓе, меѓу кои има и турски уметници.

Раскажувајќи дека пред околу 3 години додека шетал вниманието му го привлекле лисјата од чинар покрај патот, Телибини рече дека земал еден лист и дома на него сликал.
Изразувајќи дека сликите што ги направил на лисјата им ги покажал на своите најблиски, на кои многу им се допаднале, Телибини продолжи со зборовите:
„Ги учев и моите ученици, на кои многу им се допадна. Луѓето почнаа да ги купуваат како подарок. Почнав да цртам по барањата на луѓето. Тоа ми овозможи да заработувам малку. Се обидувам да се концентрирам на тоа. Планирам да отворам изложба со мои слики на лисја.“
- „Лисјата се многу чувствителни“
Истакнувајќи дека исушените лисја се со богат колорит и оставаат поинаков впечаток кога се насликани, Телибини додаде:
„Бидејќи лисјата се многу чувствителни, може да се оштетат на допир. Јас користам некои супстанци за да се спречи оштетување на листовите, на овој начин листовите стануваат посветли и поиздржливи. Ги ставам во рамка за да се сочуваат долго време.“
- „Размислувам да направам голема слика со многу лисја“
Посочувајќи дека не е лесно да се работи на листови, Телибини нагласи:
„Насликав околу 150 листови. Воопшто не е лесно. Почнав да цртам портрети на лисја. Во исто време размислувам да направам голема слика така што ќе спојам голем број на лисја. Сакам да сликам на помали листови. Средниот дел од листот треба да биде широк. Бидејќи овој лист потекнува од природата, на него цртам повеќе природни пејсажи.“