Senada Ibraimova
29 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Македонскиот народен театар (МНТ) се одржува концерт за свадбарските обичаи на Македонците со исламска религија во организација на „Ансамбл Македонија“ заедно со Сојузот на Македонци со исламска религија и Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, јавува Anadolu Agency (AA).
Репертоарската содржина на концертите во целост е посветена на народната уметност и традицијата на Македонците со исламска вероисповед, како автентични ороводни песни, игри, мелодии и носии од богатото духовно и материјално наследство на Македонците со исламска религија од повеќе предели како што се Гора, Долна Река, Струшки Дримкол, Меглен и од Скопско.
Изведувачите на изведбите носеа автентични носии од регионите каде што живеат Македонците со исламска религија. Беа изведени повеќе перформанси меѓу кои и „Виѓаленки“ – дел од свадбени обичаи и обреди од пределот Долна Река, „Бајрактари“ – обредни машки свадбени поворки од Скопско и други.
Како дел од перформансите, исто така, беше прикажан документарниот филм „Пишана невеста“ од село Цветово, Скопско, на кој се прикажува цртањето, односно шминкањето на една невеста пред нејзината свадба.
Освен дневните настапи, „Ансамблот Македонија“, со своите изведби ќе настапи и вечерва, со почеток во 19 часот, во МНТ.