Vesna Besic
29 Јули 2023•Ажурирај: 01 Август 2023
АНКАРА (АА)
Со можноста да се пробаат специјалитетите на турската кујна од уличните продавачи и на пазарите, па сѐ до познатите ресторани со извонреден поглед, одморот во Туркије е вистинско гурманско задоволство бидејќи оваа земја претставува една од првите дестинации за гурманите, известува Анадолу.
Турската национална кујна е одраз на единствена културна мешавина што нуди нешто за секого благодарение на Отоманското Царство што се протегаше на три континенти, дополнително збогатено од цивилизациите што минале низ денешната територија на Туркије. Во текот на летната сезона, на менијата низ земјата се наоѓаат главно лесни, домашни јадења од маслиново масло, зеленчук со зачински билки и морски плодови од морињата што ја опкружуваат Туркије.

- Освежително трио
Да ја спроведувате медитеранската диета за да бидете здрави и во форма е релативно едноставно за време на одморот во Туркије. Предјадењата и главните јадења во текот на сите дневни оброци во рестораните или во домовите направени се со маслиново масло. Боранијата со маслиново масло се прави низ Туркије и се консумира и како главно јадење и како предјадење.
За да бидат оброците полесни и поздрави, во текот на летото помало е консумирањето месо и јадењата од домати, сармите и долмите се прават без месо. Зачинските билки секогаш се служат со салати со многу маслиново масло, оцет и лимон. Во Измир најмногу се употребува млечен чичок (питом трн) или самфира (црн морски грав).
Јадењата од Егејскиот Регион содржат зеленчук, како што се артичока, цвет од тиквичка и други билки единствени за овој регион. По оброкот задолжително се служи триото диња-лубеница-бело сирење. Токму оваа мешавина на млечни производи со свежо овошје е специфичност за овој дел од светот.

- Сладолед од Кахраманмараш
На турската ривиера во текот на летото гурманите јадат „тахин пијаз“ - салата од грав со сос од таан со домат и лук. Од јадењата во Источна Анадолија се истакнуваат ајран аси - ладна чорба од јогурт и чаша ладен сок од највкусните портокали на светот што растат во Западна Анталија, во марината „Финике“.
Светски познатиот турски сладолед е „Мараш“ од Кахраманмараш. Сладоледот, произведен од козјо млеко и корен од марашовите диви орхидеи што растат во Кахраманмараш, е совршен за разладување во жешките летни денови. Неговата густа структура и вкус го прават поинаков од класичниот сладолед, а тајната на овој сладолед се неговите состојки што потекнуваат од тие краишта.
- Свежа риба
Во Туркије риба се консумира во текот на целата година, а особено во летниот период. Како земја што од три страни е опкружена од четири мориња, Црно Море, Мраморно Море, Егејско Море и Средоземно Море, Туркије изобилува со сезонски видови морски плодови. Рибата лесно се подготвува на скара, а често на пареа со зеленчук.
На крајот од топлиот летен ден, со благ ветер крај брегот, се консумираат бели вина од домашни сорти грозје, како што се „Мускат“, „Емир“ и „Наринџе“. Најдобрите турски вина го наоѓаат своето место во меѓународната хотелска и угостителска индустрија на Туркије.
