Ekipa
27 Март 2021•Ажурирај: 28 Март 2021
СКОПЈЕ (АА) - Вечерва со поместување на стрелките на часовникот за еден час напред, од 2 на 3 часот, започнува летното сметање на времето, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ваквото сметање на времето ќе трае до последната недела во октомври, односно до 31 октомври во три часот наутро, кога стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час наназад.
Европскиот парламент во март 2019 година изгласа укинување на сезонското поместување на времето од 2021 година, но Советот сè уште нема донесено финална одлука за тоа.
Преминувањето од зимско на летно сметање на времето е воведено со образложение дека се „продолжува“ денот, се овозможува заштеда на електрична енергија, се зголемува продуктивноста на работната сила, се подобрува прилагодувањето на луѓето и работниот ден станува поефикасен.
Во поранешна СФР Југославија, а со тоа и во Македонија, летното сметање на времето првпат е воведено на 27 март 1983 година.
Првпат преминување од зимско на летно сметање на времето и обратно е забележано во 1916 година во државите на северна Европа, додека во западна Европа е воведено на почетокот на 70-тите години на минатиот век.