СКОПЈЕ (АА) - Летната туристичка сезона е веќе започната, а граѓаните се во потрага по поволни туристички аранжмани за летните одмори. Најомилените и најбараните дестинации во туристичките агенции од страна на жителите на Балканот, како во изминатите години, така и оваа година, останаа плажите на Турција, Грција, но и Албанија, велат за Anadolu Agency (AA), претставниците на туристичките агенции и комори.
- „Интересот на граѓаните на Македонија за Анталија е како никогаш досега“
Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора на Македонија, во изјава за Anadolu Agency (AA), рече дека според статистиката, најбарана дестинација за граѓаните од Македонија, освен Грција е Турција.
„Неделно, 12 авиони од Скопје летаат за Анталија, што е рекорден број. Никогаш немало толку голем интерес на македонските граѓани да патуваат за Турција“, вели Керим. Како што објаснува тој, во оваа туристичка сезона е помал интересот за Грција, поради зголемените цени и туристички такси, додека Турција е стандардна дестинација за туристичките агенции кои имаат квалитетни туристички понуди.
Во однос на цените на аранжманите, вели дека четиричлено семејство за 7 дена одмор во хотел со 5 ѕвезди треба да издвои околу 1.200 евра, додека за истата сума во Грција може да престојува во апартман.
Тој додава дека освен Турција и Грција, Албанија е следната дестинација за која се интересираат туристите од Македонија, а потоа следуваат Црна Гора и Хрватска.
- Расте бројот на странски туристи кои ја посетуваат Македонија
Керим информира дека од година во година се зголемува бројот на странски туристи кои ја посетуваат Македонија, од различни дестинации, бидејќи, како што вели тој, Македонија е интересна држава со интересна локација и туристите ја комбинираат со посети на други држави на Балканот.
Тој додава дека освен главниот град Скопје, најпосетуваната туристичка дестинација е Охрид, а потоа Битола, Тиквешијата, а се посетуваат и османлиските споменици низ Македонија, како и црквите и манастирите во земјата.
- Зголемување на туристи во Сараево
Говорејќи за посетите на странските туристи во земјите и во градовите од регионот, Керим нагласи дека порастот на туристи во Скопје е помал во споредба со Сараево, БиХ, бидејќи во овој град постои 100 отсто разлика на зголемен број туристи годинава, во споредба од пред три години. Овие трендови, според неговото мислење, укажуваат дека туризмот во наредните години ќе биде водечка гранка во земјите од регионот.
Во однос на посетите на странските туристи во регионот, Керим истакна дека оваа година рекорден број турски туристи има во Србија. Белград е најпосакуваната и најбараната дестинација, и поради добрите туристички понуди и поради добрите политички односи помеѓу Србија и Турција. Исто така, и во обратна наскока, од Србија во Турција, бројот на туристи се зголемува. Според него, Турција ќе ја посетат околу 180 илјади српски туристи.
- „Турција и Грција - главни дестинации на граѓаните на Албанија“
Во Албанија, во последниот период постои зголемен интерес за одмори кои претежно се реализираат за време на летната сезона, но и за време на викенди и на државни празници. Граѓаните на Албанија за одмор преферираат да патуваат во некои дестинации во земјата и во странство.
Претседателот на албанското Здружение на туристички оператори и туристички агенции (АТОА), Клитон Герџани, за АА истакна дека ако се зборува за одмор во земјата, Драч, Вална, Саранда, и Шенѓин ги заземаат поголемиот дел барања за аранжмани во лето, додека во странство, според него, главните дестинации за летни одмори се Турција и Грција
„Цените на резервациите се движат во зависност од месецот, бројот на нoќевањата и нивото на хотелите, и за една недела, може да почне од 200 евра во Грција или 400 евра во Турција, доколку клиентите имаат желба да платат во зависност од луксузот кој го бараат“, рече Герџани.
- „Поголемиот дел од туристите во Албанија се Албанците од Косово и Македонија“
Според него, поголемиот дел од туристите во Албанија се Албанците од Косово, Македонија или од другите земји во кои живеат тие. „Од странските земји има зголемување на летувалците од Централна и Источна Европа, како и зголемен интерес од жителите на Западна Европа, САД и далечната Азија за културниот туризам“, нагласи Герџани.
Тој вели дека во земјата постои недостаток на сместувачки капацитети, особено во зоните на плажи, и додаде дека поради ова, постои загриженост кај Здружението на туристички оператори и туристички агенции.
- „За жителите на Косово плажите на Албанија имаат најголема предност“
Барањата за летни одмори од страна на граѓаните на Косово, во споредба со минатата година се во пораст. Претседателот на Алтернативното туристичко здружение на Косово, Баки Хоти, во изјава за АА истакна дека граѓаните на оваа земја претежно имаат три главни дестинации во кои престојуваат, и нагласи дека брегот на Албанија е место кое е многу посетувано, имајќи ги предвид цената и блискоста со Косово.
„Делот на Улцињ во Црна Гора“, рече Хоти, „е многу значајна дестинација каде што летуваат жителите на Косово“, и додаде дека постои голем интерес и за брегот на Турција, делот на Анталија и другите места.
Што се однесува до цените на аранжманите, тој објасни дека постои еден релативно мал пораст на туристичкиот пазар на Албанија, имајќи ја предвид големата флуктуација на меѓународните посети на оваа земја, додека цените на одморите во Црна Гора, како што вели тој, се исти со изминатите години.
Во врска со пазарот на Турција, Хоти нагласи дека според туристичките оператори во Косово, постои пораст од 15 до 20 отсто во споредба со изминатите години. Тој рече дека аранжманите на 7-дневен одмор на турските брегови почнуваат од 450 до 600 евра по лице, вклучувајќи ги транспортот, сместувањето и другите трошоци, и додаде дека постојат и понуди со повисоки цени, во зависност од различните барања на граѓаните.
- „Косово најмногу го посетуваат туристи од Албанија и Турција"
Што се однесува до туристите кои го посетуваат Косово, Хоти истакна дека е во пораст, во споредба со изминатите години. Тој вели дека иако Косово нема брег, оваа земја има туризам 12 месеци во годината, осврнувајќи се на различните потенцијали, како културните, природните, така и на другите различни понуди.
Хоти рече дека повеќето од туристите кои го посетуваат Косово се од Албанија, но постои и значителен број туристи од Турција. Тој нагласи дека постојат и други помали различни групи од Германија, САД, Австрија, Британија, кои ја посетуваат земјата.
Вклучувајќи ги и граѓаните од косовската дијаспора кои доаѓаат како туристи, Хоти истакна дека бројот на посетителите за време на 2017 година беше од 1,5 до 1,7 милиони, додека за оваа година изрази оптимизам дека бројот на посетители на Косово ќе се зголеми до 20 отсто.