Ivana Ramadanova
06 Јули 2018•Ажурирај: 07 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за транспорт и врски на денешната прес-конференција информираше за објавениот оглас за доделување 53 стана за социјално најранливите категории граѓани во Кочани и Македонски Брод, јавува Anadolu Agency (AA).
„Конкретно, се работи за распределба на 43 социјални станови во општина Кочани, како и 10 стана во општина Македонски Брод изградени по Програмата за изградба и одржување станови, сопственост на Република Македонија“, информираше министерот Горан Сугаревски.
Според него, на огласот кој денеска е објавен во весниците, право на учество имаат деца без родители или родителска грижа – лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици на згрижување деца без родители, корисници на социјална или постојана парична помош, лица погодени од елементарни - природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта, инвалидни лица и лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице и семејства со инвалидизирани лица, лица припадници на ромската заедница, самохрани родители со малолетни деца и слепи лица корисници на социјална или постојана парична помош.
„Согласно објавените критериуми, на огласот може да се пријават само лица кои влегуваат во една од овие седум категории, и притоа треба да ги исполнуваат следните услови: да бидат државјани на Република Македонија, да бидат со постојано место на живеење во општината каде што е изграден социјалниот стан и лицето што се пријавува да не поседува стан во лична сопственост, во сопственост на брачниот другар и на полнолетните членови на неговото заедничко домаќинство на територијата на Република Македонија“, истакна Сугаревски.
Потребната документација, според министерот, лицата ќе може да ја поднесуваат во меѓуопштинските центри за социјална работа во општината за каде што се однесува огласот, односно во Центарот за социјална работа во Кочани и Македонски Брод.
„Предност при добивање стан имаат децата без родители или родителска грижа – лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици на згрижување деца без родители“, потенцираше министерот.
Огласот трае 30 дена или до 6 август 2018 година, што значи дека до тој датум сите заинтересирани ќе можат да ја поднесат документацијата.