Балкан

Премиерот Заев ја доби наградата „Европска личност на годината"

„Балканот повеќе нема да биде буре барут, ќе биде европски, како што заслужува“, истакна Заев.

Dejan Maksimoviç  | 05.07.2018 - Обновена : 06.07.2018
Премиерот Заев ја доби наградата „Европска личност на годината" (Foto: Samir Yordamoviç/ AA)

Sarajevo

САРАЕВО (АА) - На премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, вечерва во Сараево, на церемонијата на 38-от избор на европски најменаџери најкомпании во 2018 година му е доделено признание за „Европска личност на годината", од категоријата специјални награди, јавува Anadolu Agency (AA).

Заев, по преземањето на наградата, истакна дека е особено среќен и порача дека ги сака граѓаните на БиХ и на целиот регион. Тој додаде дека сака да ја сподели наградата со премиерите на БиХ, Србија, Албанија, Црна Гора и Косово, но и со премиерите на Бугарија и Грција.

Со првите, бидејќи посветиле големо внимание на патот на Западниот Балкан во ЕУ, а со грчкиот премиер, бидејќи заедно со него успеал да го реши повеќедеценискиот спор околу името.

„Она што сакам да го кажам како порака до сите граѓани на нашиот регион е тоа дека продолжуваме да работиме за вас, чесни граѓани, бидејќи ако обезбедиме стабилност и безбедност и градиме пријателство, тогаш за сите ќе ви обезбедиме подобра иднина. Сакаме да и докажеме на Западна Европа дека Западен Балкан има нешто да и понуди на Европската унија. Балканот повеќе нема да биде буре барут, ќе биде европски, како што заслужува“, истакна Заев.

Денис Звиздиќ, претседавачот на Советот на министри на БиХ, кој на Заев му додели признание, истакна дека наградата за личноста на годината во Европа е во вистински раце.

„Честитки за Заев за наградата што ја заслужува, бидејќи станува збор за една посебна личност, посебна политичка визија, извонредна храброст и подготвеност со преземање на ризични потези да ги надмине тешките искуства од минатото за да ја отвори вратата на иднината за неговата земја и граѓаните, конечно и за целиот регион на Западен Балкан. Тој и Алексис Ципрас ни покажаа дека се може, доколку постои добра политичка волја, подготвеност на договор, политичкиот дијалог и соработка, дека може да се напредува во многу тешки општествено-политички околности и тоа тогаш кога се чини дека не постои решение за проблемите од минатото“, рече Звиздиќ.

За време на церемонијата се поделени и многу други признанија во различни категории.

Така, потпретседателката на Владата на Србија и министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктура, Зорана Михајловиќ, министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ, Мирко Шаровиќ, и министерот за финансии на Хрватска, Здравко Мариќ, се прогласени за европски најминистри.

Наградата за животно дело во областите: уметност, култура, политика, здравство, маркетинг, туризам и коморски систем е доделена на Фахрета Живојиновиќ, попозната како Лепа Брена. Истата награда ја доби и некогашниот политичар Богиќ Богичевиќ.

Вреди да се спомене дека Едвард Фергусон, амбасадорот на Велика Британија во БиХ е прогласен за најамбасадор, додека најпарламентарец во 2018 година стана Јаваншир Фејзиев, член на парламентот на Азербејџан.

Меѓу многуте угледни гости, на церемонијата присуствуваа и Стјепан Месиќ, поранешниот претседател на Република Хрватска, Денис Звиздиќ, претседавачот со Советот на министри на БиХ, и многу бизнисмени, политичари, дипломати и уметници од регионот.

Претходно е одржан и Меѓународен бизнис форум на кој на Бојко Борисов, премиерот на Владата на Бугарија, му беше доделена награда за европска личност на годината, бидејќи поради обврските во Брисел не можел да присуствува на свечената церемонија.

Инаку, Македонија е партнер на 38-от избор на најменаџер, најкомпанија и личности од средна и југоисточна Европа, кои ги организира Европската независна агенција од Зеница.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.