Ekipa
26 Октомври 2019•Ажурирај: 27 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Ноќеска во 3:00 часот по полноќ (сабота кон недела) завршува летното сметање на времето и почнува зимското, при што со поместување на часовникот за еден час наназад, времето во 3:00 часот ќе се смета како 2:00 часот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Земјите членки на Европската Унија до април 2020 година треба да решат дали ќе воведат трајно зимско или летно сметање на времето, а сезонското сметање на времето ќе биде укинато во 2021 година.
Во анкетата што претходно ја спроведе Европската комисија во врска со мислењето за укинување на зимското и летното сметање на времето, учествуваа 4,6 милиони луѓе. Дури 84 отсто од испитаниците се противеле на ваквото сметање на времето.
Промената на времето во Западна Европа е воведена во почетокот на 1970 година, со образложение дека со тоа се продолжува денот, се овозможува заштеда во потрошувачката на електрична енергија, се зголемува продуктивноста, се подобрува приспособувањето на луѓето и работниот ден се прави поефикасен.
Преминот од летно во зимско време првпат е забележан во 1916 година во земјите на Северна Европа, а досега е воведен во околу 70 држави, главно на северната хемисфера.
Инаку, во Република Северна Македонија зимското и летното сметање на времето со закон е регулирано во 1996 година, а претходно во рамките на СФРЈ се користи од 1983 година.