Muhammed Emin Canik
26 Октомври 2019•Ажурирај: 27 Октомври 2019
САНТЈАГО (АА) - Во Чиле веќе 7. ден продолжуваат протестите кои започнаа поради покачувањето на цената на метро билетите, а потоа прераснаа во демонстрации исполнети со насилство, јавува Anadolu Agency (AA).
На демонстрациите наречени „Најголем протест во историјата на Чиле“ стотици илјади лица го исполнија плоштадот „Италија“ во главниот град Сантјаго, протестирајќи против Владата на претседателот Себастијан Пинера, скапиот живот во земјата и здравствените услуги.
Локалните медиуми информираа дека на протестите учествуваат околу 800.000 лица, а се очекува оваа бројка да надмине 1 милион демонстранти.
Протестите започнаа поради покачувањето од 4 % на цената на метрото, кое е најважното средство за транспорт во Сантјаго, со прескокнување на влезот во метрото минатата недела. Откако безбедносните сили со присила започнаа да ги спроведуваат надвор оние што влегувале без да платат билет, протестот прерасна во насилни демонстрации.
На некои метро станици демонстрантите ги скршија влезовите и прозорците, по што полицијата употреби солзавец. Во некои подрачја на Сантјаго имаше и судири меѓу полицијата и демонстрантите.
На протестите што се проширија низ целата земја, се случуваа грабежи и подметнување пожари, поради што во 3 подрачја и 11 градови во земјата беше воведена вонредна состојба и забрана за излегување на улица.
На протестите досега животот го загубија 19 лица, а повеќе од 500 се повредени, додека полицијата приведе над 2.600 протестанти.
Поранешната претседателка на Чиле и висок комесар за човекови права во Обединетите нации (ОН), Мишел Бачелет, упати повик за итен дијалог меѓу сите политичари и лидери на невладини организации со цел да се стави крај на кризата во земјата.
Во чилеанскиот град Валпараисо беше извршен напад, а потоа избувна пожар во зградата на „Ел меркурио“ (El Mercurio), еден од водечките весници во Чиле, кој ја објави веста за воведување на вонредната состојба и забраната за излегување на улица.
Во Чиле за првпат по соборувањето на диктаторот Аугусто Пиноче во 1990 година е прогласена вонредна состојба и безбедноста ѝ е предадена на Војската, не сметајќи ги вонредните состојби поради природни катастрофи.