Merve Berker
30 Март 2022•Ажурирај: 01 Април 2022
АНКАРА (АА) - Фотографот на „Блумберг“, Константинос Цакалидис, со фотографијата насловена „Жена од Евија“ ја освои наградата „Фотографија на годината“ на „Istanbul Photo Awards 2022“, осмото издание на Меѓународниот натпревар за фотографија, што го одржува Агенција Анадолија за поддршка на фоторепортери.
Фотографијата на Цакалидис беше избрана помеѓу повеќе од 16.000 фотографии испратени од различни делови на светот.

Во категоријата „Единечна вест“, фоторепортерот на „Гети имаџес“, Дрjу Ангерер, ја освои втората награда за неговата работа, во која ја сними насилната опсада на 6 јануари на американскиот Капитол.
Фоторепортерот на „Франс прес“, Пол Ратје, го освои третото место со фотографијата која ги одразува тешкотиите со кои се соочуваат бегалците кои се обидуваат да влезат во кампот во Тексас.

Професионалните фоторепортери се вклучија во натпреварот со фотографии кои ги прикажуваат глобалните настани од минатата година, од владеењето на Талибанците во Авганистан, до поплавите во Индонезија, од тенискиот натпревар „Австралија опен“ до протестите низ Велика Британија поради ограничувањата за коронавирусот.
Двајца финалисти беа наградени во категоријата „Портрет на приказна“ по предлог на членовите на жирито, а вкупно 19 фотографи добија награди во седум категории.
Оваа година натпреварот е поддржан од „Канон“, Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и националниот авиопревозник „Туркиш ерлајнс“.
Членовите на жирито, поради пандемијата со Ковид-19, победниците ги селектираа преку платформа дизајнирана за натпреварот од тимот за информатички технологии на Агенција Анадолија.
- „Istanbul Photo Awards 2022“ ќе продолжи да го поддржува секторот на фотографијата -
Зборувајќи за овогодишниот натпревар, Сердар Караѓоз, генералниот директор на агенцијата, рече дека моќта на фотографијата ја проширува содржината на вестите вон јазикот, просторот и времето.
Тој истакна дека важноста на квалитетот на доставените фотографии се зголемува секоја година и членовите на жирито зборуваат добри работи за организацијата.
„Јас би сакал да им се заблагодарам на сите фотографи кои нѐ направија сведоци на вознемиреноста од пожарите во Калифорнија, возбудата на Олимписките игри и потресните моменти во бегалските кампови. Дополнително, му се заблагодарувам на секој член на жирито за неговиот непроценлив придонес во натпреварот.“
Нагласи дека Агенција Анадолија ќе продолжи да го поддржува секторот на фотографијата во наредните години преку „Istanbul Photo Awards“, натпревар кој се претвори во платформа која сите професионални фотографи во светот ја чекаат со интерес.
Информациите за сите членови на жирито, за сите наградени членови од светот на фотографијата, можат да се најдат на istanbulphotoawards.com/Jury.