СКОПЈЕ (АА) – ЕДИТА ЗЕЌИРОВИЌ –
Популарноста на телевизиските серии има широки размери. Сериите ги гледаат од најмлади до највозрасни генерации. Во Република Северна Македонија и на Балканот во последната деценија турските серии ги рушат рејтинзите на гледаност на телевизиите. Ова со себе повлекува бројни влијанија од социолошки, културолошки, па и економски аспект, пишува Агенција Анадолија (АА).
Ова биле само дел од причините младиот македонски актер Никола Настоски да го истражи и открие влијанието на турските серии на овие простори.
Актерот Настоски, пренесувајќи ни го своето искуство од студирањето во Истанбул, открива дека турскиот и македонскиот народ имаат многу сличности и оттука се раѓа неговата идеја да започне истражување во кое ќе открие како настанале овие сличности и каде сѐ ги има.
Во разговор за Агенција Анадолија (АА), Настоски раскажа дека оваа појава никој не ја истражил, а тоа било дополнителен поттик тој да ја изработи, под наслов „Социокултуролошкото влијание на турските серии во македонското општество: „Величествениот“ и „Парампарче““ – тема на која докторирал на Универзитетот „Мармара“ во Истанбул, во рамките на Академијата за радио, ТВ и кино.
– Етапно истражување –
За да ја докаже својата теза, чекор по чекор истражувал неколку години.
„Кога ќе се најдев со луѓе кои гледаат серии секогаш успевав да начнам дел од темите коишто ми беа потребни за јас да навлезам во темата и да видам во суштина во кој правец треба да се движи самото истражување“, вели Настоски.

Вториот дел од самата методологија на истражувањето биле интервјуа, благодарение на кои тој ги открил сферите на влијанијата.
„Може да се каже дека тие се во областа на културата, историјата, социјалниот статус, јазикот, туризмот, економијата, навиките на гледање турски серии и кујната и тие беа областите на кои се темелеше целото мое истражување понатаму“, рече Настоски.
Следниот чекор бил да се одреди процентот на тие влијанија, па затоа создал прашалник и го споделил на социјалните мрежи. Прашалникот наишол на интерес од страна на корисниците на социјалните мрежи и го одговориле околу 1.200 луѓе.
– Турските специјалитети откриени преку серии –
Со истражувањето, Настоски ја докажал својата теза за социокултуролошкото влијание на турските серии врз македонското општество во неколку области, а нив процентуално ги претставил преку директни прашања кон испитаниците.
„Бамја, бурек, полнети пиперки, полнети тиквички, сутлијач, мусака, сарма, салеп, баклава – тие јадења беа најзастапени во одговорите и може да се види колкумина од луѓето одговорија. Најмногу од нив одговорија дека направиле баклава затоа што ја виделе во турските серии“, вели Настоски.
– Рапиден раст на интересот на туристи во Турција –
При споредбата на статистичките податоци за бројката на македонски туристи во Турција, пред и по 2009 година, кога за првпат била емитувана турска серија во Северна Македонија, забележал зголемување на бројката на туристи за четири до петпати.
„Имав конкретно прашање „Дали вие би одлучиле да патувате за Турција, поради тоа што сте ја гледале серијата?“, и тука имаше голем процент на луѓе кои одговорија потврдно, дека навистина сакаат да отидат, особено во Истанбул, да го видат, бидејќи и двете серии се случуваат конкретно во Истанбул“, забележа Настоски.
– Зголемена употреба на турцизмите –
Покрај бројните области во кои имало влијание, она што најмногу го изненадило, било влијанието врз јазикот, односно реактуализирањето на турцизмите и употребата на фразите, кои се преведени од турски јазик на начин на кој најмногу можат да се доближат до македонскиот јазик.
„На пример, „Убав ден“, некаков поздрав којшто е многу чест во Турција, зашто каде и да стигнете, го слушате, во македонскиот јазик не е толку честа фраза која се користи, особено не во таква форма. Тоа е нешто кое луѓето почнале подоцна почесто да го користат. Исто така, за фразата која беше најактуелна „Со помин нека е“, најмногу луѓе изјавија дека дефинитивно ја користат на дневно ниво, и тоа ја користат затоа што ја слушнале во турските серии“, раскажа Настоски.
Можноста да се живее во Истанбул ја опиша како неверојатно искуство велејќи дека стекнал многу сознанија во однос на блискоста на турската и македонската култура, сето она што е заедничко помеѓу нив, и вели дека оттука доаѓа и големата заинтересираност за турските серии во Северна Македонија.