Bayram Sarayoğlu
11 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
АРТВИН (АА) - Вљубениците во природата и во зимските спортови својот скриен рај можат да го пронајдат во скијачкиот центар Атабари, сместен на надморска височина од 2.200 метри на планината Мерсиван, на североисточниот дел на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Областа Артвин, во која е сместен овој скијачки центар, позната е по својата богата историја, разновидната флора и фауна, планините што постојано се прекиени со снег, кратерските езера и висорамнините со зелена боја.
Ски-центарот е оддалечен 18 километри од центарот на градот.
Бахатин Јетим, од Организацијата за спорт и услуги за млади истакна дека во Артвин и во текот на летните месеци доаѓаат туристи кои уживаат во чистиот воздух и во прекрасната природа, а пак во текот на зимата овој центар е омилено место на љубителите на скијањето.
„Природните богатства што ги поседува овој скијачки центар наликуваат на убавите пејзажи што можете да ги видите на разгледниците. Ги очекуваме сите љубители на скијањето што сакаат возбуда, чист воздух и многу кислород“, истакна Јетим.
Има неколку скијачки патеки, а секоја одделно има капацитет за транфер на околу 900 скијачи на час.
Во близината на патеките има кафулиња и ресторани, во кои освежување можат да најдат скијачите и посетителите на ски-центарот.
Покрај тоа, како и секој развиен ски-центар, во Атабари има екипа на брза помош, која е подготвена за дејствување во секој момент.
Јетим изјави дека патеката е во потполност осветлена и на неа е овозможено и ноќно скијање.
Атабари го посетуваат и голем број спортисти кои забележале значајни резултати тренирајќи на падините на Мерсиван, што ги мотивирало повторно да го посетат овој скијачки центар.
Во ски-центарот има можност и да се земат часови за скијање во викендите и за време на школските распусти.