Aişe Hümeyra Bulovalı
18 Декември 2020•Ажурирај: 20 Декември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Започна пријавувањето за Меѓународниот натпревар во фотографија „Istanbul Photo Awards 2021“, во организација на Агенција Анадолија (АА), што се организира по седми пат.
АА во вестите објавени во текот на својата 100-годишна историја, работеше со безброј фоторепортери, а со искуствата со кои се стекна во овој процес, го реализира проектот „Istanbul Photo Awards“, со цел да ја наградува стручната посветеност на фоторепортерите.
Овој натпревар секоја година добива пријавувања од над 100 различни земји, додека, покрај медиумите, заинтересираност покажуваат и значаен број слободни новинари (freelancer).
Професионалните фотографи на овој натпревар ќе можат да учествуваат со своите фотографии направени за време на настаните во светот во текот на 2020 година.
„Istanbul Photo Awards“ за кратко време стана еден од најважните натпревари во светот во областа на медиумската фотографија.
На натпреварот може да се пријават фотографии во категориите „Поединечни вести“, „Серија вести“, „Поединечна спортска вест“, „Серија спортски вести“, „Серија секојдневен живот“ и „Серија портрети“.
Како секоја година, и оваа година победниците ќе бидат избрани од страна на меѓународната жири-комисија која се состои од престижни имиња во светот на фотографијата.
Условите за пријавување се достапни на интернет-страницата на натпреварот.
Авторот на фотографијата што ќе биде избрана за „Фотографија на годината“, ќе добие награда во висина од 6.000 долари. Победниците по категории ќе добијат по 3.000 долари, второпласираните по 1.500, а третопласираните по 1.000 долари.
Во категориите „Серија секојдневен живот“ и „Серија портрети“ ќе се додели награда само на првопласираните.
Последниот рок за пријавување во „Istanbul Photo Awards“ е 18 март 2021, а пријавите може да се реализираат преку интернет-страницата „http://istanbulphotoawards.com“.
Победничките фотографии на натпреварите во последните шест години беа изложени во различни места во Турција, како и во светот.