Toni Avramov
01 Септември 2017•Ажурирај: 02 Септември 2017
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Започната oд љубов кон графиката, а создадена да биде културен бренд на Балканот, графичката работилница „Софија“ во Богданци, којашто се одржуваше во изминатите десет дена, е една од ретките во регионот со таков карактер, јавува Anadolu Agency (AA).
Годинава, на јубилејната десетта меѓународна графичка работилница „Софија“ учествуваат претставници од Македонија и од странство, селектирани од државните ликовни академии во Скопје, Нови Сад, Ниш, Софија и Загреб, а за првпат има двајца учесници од академијата во Варшава, Полска.
Тони Васиќ, универзитетски професор и истакнат графичар од Македонија, е овогодишен ментор на студентите. Тој во изјава за АА рече дека студентите се исклучително вредни и посветени на задачата што им е дадена.
„Потребно е да изработат најмалку две графики, во техника што тие ја преферираат или можеби да се обидат да изработат некоја техника што не им е позната, па да ги стекнат своите први знаења и искуства. Работата е таква што секој од нив индивидуално пристапи кон својата задача и јас како ментор едноставно само ја раководам, односно ја надгледувам, и со некакви дискусии зборуваме за квалитетот на графиките, со цел да се постигне што подобар резултат“, изјави Васиќ.


Во одделни простории и во пријатна атмосфера, студентите ги креираат своите дела, покрај уметноста создавајќи и пријателства што и по завршувањето на работилницата се одржуваат.
„На крајот од оваа главна сесија правиме изложба во просториите на графичката работилница ‘Софија’, на последниот ден, како едно свечено затворање на работилницата со делата што се изработени во изминатите десет дена. Потоа правиме изложба од овогодишната главна сесија низ цела Македонија. Оваа година за првпат излеговме од границите на Република Македонија, одржувајќи изложба во академијата во Сараево, Босна и Херцеговина, а во преговори сме да направиме следна изложба на академијата во Нови Сад“, изјави за AA претседателот на организациониот одбор на графичката работилница „Софија“, Виктор Семенпеев.

Во изминатиот период од десет години, на работилницата свој печат оставија над 150 графичари од соседните Бугарија и Србија, од Хрватска, Словенија, Грција, Босна и Херцеговина и од Црна Гора.
Притоа, особено е значајно што во работата на Работилницата се застапени сите класични графички техники (висок печат, длабок печат, рамен и пропусен печат), а сето тоа е следено од Советот, во кој се творци како Костадин Танчев – Динка, Данчо Калчев, Виктор Семенпеев, Јанко Темелков и Драги Семенпеев – Цапе.