Ekipa
04 Мај 2019•Ажурирај: 06 Мај 2019
ВАЛАНДОВО (АА) - Во селото Чалакли, во близина на Валандово, се одржа 28. Меѓународен фестивал на пролетни веселби „Хидрелез“, јавува Anadolu Agency (AA).
На фестивалот присуствуваа Ихсан Шенер, главен советник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган; амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара; министерот без ресор во Владата на Северна Македонија, Елвин Хасан; градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов; потпретседателката на Партијата на национално движење (MHP) на Турција, Дениз Депбојлу; пратеникот на МХП, Сафет Санџакли; претседателот на Одделот за Балканот и Источна Европа на ТИКА, Махмут Чевик, како и пратеници, претставници на турските институции и организации во земјата и голем број граѓани.
Ихсан Шенер во своето обраќање го пренесе поздравот на турскиот претседател Ердоган и упати честитки до оние кои дале придонес овие веселби да се организираат веќе 28 години по ред.
Според него, влегле во период кога луѓето полесно се разбираат и полесно ги живеат своите култури.
„Како Владата на Северна Македонија и Владата на Турција, така и ние секогаш бевме и ќе продолжиме да бидеме до вас“, додаде Шенер.
Амбасадорката Тулин Еркал Кара, осврнувајќи се на обичаите на „Хидрелез“, рече дека децата на овој ден се капат со розова вода и дека треба да се продолжат ваквите обичаи.
Кара нагласи дека жителите на секое место кое го посетувала во земјата, ја изразиле нивната љубов кон Турција, и упати порака за зачувување на ова единство.
„Имам специјална молба до вас. Ќе ве замолам да ги исчистиме терористичките организации од нас. Да ги одбиеме сепаратистичките терористички организации. Ако прашувате кои се тие, постои ФЕТО, постои ПКК, постои ДЕАШ. Ние треба да ги затвориме нашите врати и да се бориме против сите терористички организации кои се опасни за светот“, рече Кара.
Амбасадорката се осврна на обидот за државен удар извршен на 15 јули во Турција од страна на терористичката организација ФЕТО.
„Не треба да дозволиме ваквите настани да се случуваат во овие региони. Многу добро знаеме каде се кријат, и кои се тие. Секој ден добиваме разузнавачки информации. Но сакам јасно да истакнам, и ќе ве замолам сите заедно да ја продолжиме нашата борба“, додаде Кара.
Претседателот на Одделот на ТИКА за Балканот и Источна Европа, Махмут Чевик, рече дека локалното население ја зачувало 2.000-годишната турска историја и културните вредности на турската држава.
Чевик нагласи дека тие го чуваат културното наследство во Румелија, станувајќи на тој начин мост на различни цивилизации.
Министерот без ресор, Елвин Хасан, традицијата на „Хидрелез“ ја опиша како вредност. „[Хидрелез] Илјадници години се одбележуваше со специјални веселби, и тоа се случува и до денешен ден“, додаде Хасан.
Градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов, изрази задоволство поради можноста да присуствува на овој фестивал, кој според него ги промовира вредностите на Северна Македонија во целиот свет.
Претседателот на Здружението на Фестивалот на пролетни веселби, Шенол Тахир, упатувајќи благодарност до ТИКА за дадениот придонес во реализирањето на фестивалот, нагласи дека институциите во Северна Македонија треба да дадат поголема поддршка за овој фестивал.
Во рамки на фестивалот беше отворена и изложбата „Хидрелез“, културно-уметничките друштва за народни ора од балканските земји и Турција имаа свои настапи, а беше организирано и пеливанско борење.
Фестивалот „Хидрелез“ започна на 2 мај, поддржан е од Министерството за култура на Северна Македонија, Министерството за култура и туризам на Турција, како и од голем број други институции и организации. Фестивалот, со различните активности, ќе трае до 6 мај.