Ahmet Gürhan Kartal
29 Април 2019•Ажурирај: 01 Мај 2019
ЛОНДОН (АА) - Британската аукциска куќа „Сотебис“ подготвува продажба на исклучително вредни уметнички дела од исламскиот свет, вклучувајќи го и портретот на османлискиот султан Сулејман Величествениот, јавува Anadolu Agency (AA).
Колекцијата наречена „Уметнички дела од исламскиот свет“ содржи 311 предмети кои ќе бидат изложени на аукциската продажба закажана за 1 мај.
Најголемо внимание во колекцијата привлекува портретот на османлискиот султан Сулејман Величествениот, кој најверојатно по нарачка на млетачките (венецијански) дипломати го нацртал еден од учениците на познатиот италијански сликар Џентиле Белини.

Вредноста на портретот се проценува меѓу 323.000 и 452.000 долари.
Највредниот предмет во колекцијата е редок пример на чинија од Изник која датира од 1530-тите години. Новиот сопственик за неа ќе мора да плати помеѓу 387.000 и 645.000 долари.
Експертот за блискоисточна и исламска уметност Александра Рој рече дека портретот на Сулејман Величенствениот и чинијата од Изник датираат од истиот период.
„Колекцијата што ќе биде понудена на аукцијата содржи предмети од периодот од деветтиот до деветнаесеттиот век. Предметите припаѓаат на колекционери од Европа и од Блискиот Исток“, истакна Рој.
Уште еден од интересните предмети во колекцијата е и дрвената и насликана сталка за турбани со рабови од слонова коска и оклоп на желки. На сталката внимателно е исклесан и декор и стихови од османлискиот поет Махтуми Вахиди.
„Ти си како турбан, местото ти е на мојата глава“, гласи стихот на Махтуми, кој е врежан со позлатени букви.
Во колекцијата се наоѓаат и пушки, ками и накит од периодот на Османлиското Царство, како и слики од крунисувањето на султанот Селим III и воениот караван со султанот Мурад III.
Тука е и реткиот примерок на мал формат на Куранот, за кој се претпоставува дека датира од десеттиот век од Персија, а неговата вредност се проценува на околу 100.000 долари.
Аукцијата в среда ќе биде отворена и на интернет-страницата.