култура и уметност

Аплицирањето за престижното натпреварување „Istanbul Photo Awards 2020“ започна

Натпреварувањето „Istanbul Photo Awards“ кое привлекува големо внимание, има за цел да ги промовира фоторепортерите и нивната работа под тешки услови

12.11.2019 - Обновена : 14.11.2019
Аплицирањето за престижното натпреварување „Istanbul Photo Awards 2020“ започна

ИСТАНБУЛ (АА) - Започна пријавувањето за Меѓународниот натпревар во фотографија „Istanbul Photo Awards 2020“ во организација на Anadolu Agency (AA), што се организира по шести пат. Пријавувањето за натпреварот е можно да се изврши преку интернет-страницата „http://istanbulphotoawards.com“ до 31 јануари 2020 година.

Пријавите за натпреварот се примаат во категориите „Поединечни вести“, „Серија вести“, „Поединечна спортска вест“ и „Екипни спортови“.

Авторот на фотографијата што ќе биде избрана за „Фотографија на годината“, ќе добие награда во висина од 8.000 долари. Победниците по категории ќе добијат по 5.000 долари, второпласираните по 3.000, а третопласираните по 1.500 долари.

Аnadolu Аgency (AA) е организатор на престижното натпреварување „Istanbul Photo Awards“, а главни спонзори се Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Град Истанбул и „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines).

Секоја година жири-комисијата на „Istanbul Photo Awards“ во март се состанува во Турција за да ги одбере најдобрите фотографии. Кон крајот на месецот се прогласуваат победниците. Веќе 4 години професионалните фоторепортери и фотографи од целиот свет покажуваат голем интерес за ова натпреварување. Имено, секоја година се пријавуваат фоторепортери и фотографи од над 100 земји.

Сократес Балтаџијанис, фриленсер и фотограф „документарец“, ова натпреварување го оцени како едно од највпечатливите.

Еден од финалистите на натпреварувањето во 2016 година смета дека станува збор за успешно натпреварување кое со тек на времето станало едно од највпечатливите за фоторепортерите низ светот.

Балтаџијанис рече дека квалитетот на фотографиите секогаш е на високо ниво.

Тој истакна дека натпреварувањето придонело за визуелните вести на многу начини, а на луѓето им дава можност „да видат, да размислуваат и да ги проценат големите настани“.

Фоторепортерот Крис Мекграт од „Гети имиџис“ (Getty Images) го освои второто место на последното натпреварување за серија фотографии во категоријата „Вести“ за серијата фотографии под наслов „Убиство на новинар“, што ги изработил по убиството на новинарот Џамал Кашоги.

Тој смета дека натпреварувањето игра голема улога во давањето поддршка за квалитетната работа на фоторепортерите.

„За многу фотографи ова натпреварување е почетна станица за нивната работа во текот на целата година. Создавањето визеулна архива на историските настани е важен дел на фотоновинарството. Како што можев да видам во текот на сите досегашни години, „Istanbul Photo Awards“ стана меѓународна награда за фотографија“, рече Мекграт.

Хосам Салем, фоторепортер од Газа, во 2017 година ја освои наградата за млад фотограф со фотографијата „Уличен тренинг во Газа“.

Постои мислење дека на ова натпреварување се изложуваат најмоќните и најугледните фотографии од светот.

„По победата, одлучив да учествувам и наредните години. Оваа година ќе учествувам со фотографија изработена надвор од Газа“, изјави Салем.

На „Istanbul Photo Awards 2019“ учествуваа околу 37.000 фотографи од 125 земји. Наградите ги освоија 27 фоторепортери од 22 земји.

Натпреварувањето „Istanbul Photo Awards“, кое привлекува големо внимание, има за цел да ги промовира фоторепортерите и нивната работа под тешки услови.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın