Şenhan Bolelli
02 Мај 2020•Ажурирај: 03 Мај 2020
МАДРИД (АА) – Во Шпанија, во последните 24 часа како последица на Ковид-19 починаа 276 лица, со што вкупниот број на починати се зголеми на 25.100 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство ги ажурира податоците за Ковид-19 во земјата.
Бројката на смртни случаи која вчера изнесуваше 281, во последното деноноќие се намали на 276.
Вкупниот број на смртни случаи во епидемијата се зголеми на 25.100.
Министерството исто така наведе дека во последните 24 часа регистрирани се 1.147 нови случаи со Ковид-19, со што вкупната бројка е зголемена на 216.582.
Од друга страна, Ковид-19 го победија вкупно 117.248 лица, со зголемување од 2.570 во последните 24 часа.
Во земјата привлекува внимание тоа што бројот на излекувани е поголем од бројот на новозаразени.
- Улиците се полни со лица што спортуваат -
Во меѓувреме, во Шпанија, каде што е воспоставена вонредна состојба од 14 март, Владата од денеска дозволи да се спортува во одредени часови од денот и во ограничено подрачје (околу 1 километар од куќата).
Забележано е дека во големите градови како што се Мадрид, Барселона, Валенсија, Севилја, во утринските часови голем број луѓе ги напуштиле своите домови. Некои од нив трчаат, некои пешачат, а некои пак возат велосипед.
Актерот Антонио Бандерас, кој излегол на улица за да спортува, откако ги видел фоторепортерите пред него, на својот профил на социјалните мрежи истакна: „Првото трчање на првото излегување оддома. Мојата прва средба на улица беше со папараците кои не носеа маски. Ќе продолжам да останувам дома.“
Вонредната состојба прогласена на 14 март како дел од мерките преземени против Ковид-19 во Шпанија ќе продолжи до 9 мај.
Процесот на постепено нормализирање ќе започне од 4 мај.