Ekipa
07 Декември 2021•Ажурирај: 08 Декември 2021
ПАРИЗ (АА) - Франција наложи ноќните клубови и дискотеки да се затворат на еден месец, почнувајќи од 10 декември, за да се спречи порастот на случаите на коронавирусот,соопшти премиерот Жан Кастекс, јавува Агенција Анадолија (АА).
Оваа одлука ќе влијае на околу 1.200 објекти од тој тип кои претходно, повторно беа отворени во јули оваа година.
По состанокот на Здравствениот совет на високо ниво, Кастекс во обраќањето до нацијата изјави дека е направен исклучок да се затворат ноќните клубови и дискотеките бидејќи тие се главно посетувани од млади луѓе.
„Вирусот циркулира многу помеѓу младите луѓе, дури и помеѓу вакцинираните“, рече тој.
Иако Владата најави економска поддршка за закрепнување од загубите, сопствениците на објектите искажаа гнев поради тоа што се издвоени.
Кастекс, исто така, апелираше до луѓето да „успорат“ во пресрет на празничната сезона и да бидат претпазливи кога се собираат на отворено или ги посетуваат Божиќните панаѓури и шопинг центри во обид да се избегне уште едно „затворање“. Нов протокол за вакви настани ќе биде издаден во наредните денови.
За да се ограничи циркулирањето на вирусот помеѓу младите деца во училиштата, ќе биде задолжително за учениците да носат маски во просториите дури и за време на одморите.
Министерот за здравство Оливие Веран рече дека петтиот бран покажа дека побрзо се шири, но дека е помалку смртоносен, како и дека поголем степен на вакцинација може да превенира тешки случаи.
Во Франција има околу 25 потврдени случаи на варијантата омикрон.