Ekip
10 Јуни 2020•Ажурирај: 10 Јуни 2020
ПАРИЗ
Бројот на заразените од Ковид-19 кои се лекуваат на интензивна нега во Франција падна под 1.000, прв пат од почетокот на епидемијата, покажуваат податоците кои Министерството за здравство на оваа земја ги објави денес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бројот на пациентите на интензина нега денес изнесуваше 955, што е за 69 помалку во однос на вчерашниот ден.
Во последните 24 часа се евидентирани 53 смртни случаи, што е за два повеќе од претходниот ден. Со тоа вкупниот број на смртни случаи од последиците на Ковид-19 се искачи на 29.296. Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека до сега во Франција е потврден 154.591 случај на заразување со Ковид-19, што е пораст за 403 во однос на претходниот ден.
Исто така намален е и бројот на хоспитализирани пациенти кој сега изнесува 11.961, што е пад за 354 во однос на претходниот ден. Од почетокот на евиденцијата на заразени од Ковид-19 во Франција се излекуваа 71.506 лица.