Ali Murat Alhas
18 Март 2020•Ажурирај: 20 Март 2020
АНКАРА (АА) - Потпретседателот на Турција, Фуат Октај, истакна дека над 2.800 турски државјани се донесени дома на нивно барање од девет европски земји за кои Турција ги затвори своите гранични премини за да го спречи ширењето на вирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
На социјалната мрежа Твитер, Октај напиша дека евакуацијата била завршена во 6.00 часот изутрина по локално време и дека 2.807 турски државјани ќе бидат ставени во карантин во објекти во Истанбул и Коџаели.
„Преземени се сите мерки за нивното здравје, безбедност, исхрана и сместување во согласност со правилата поставени од Министерството за здравство и одборот за наука“, изјави Октај.
Турција минатата недела ги затвори своите гранични премини за патниците од Германија, Шпанија, Франција, Австрија, Норвешка, Данска, Белгија и Холандија, со цел да го спречи ширењето на епидемијата на коронавирусот.
Коронавирусот првпат се појави во градот Вухан, Кина, но потоа се прошири во над 150 земји и територии.
Синоќа во Турција беше потврден првиот смртен случај од коронавирус, 89-годишно машко лице. Во земјата има речиси 100 потврдени случаи на заразување.
Во светот со коронавирус се заразени над 198.000 лица, починаа најмалку 7.990, а излекувани се 82.779 лица.
Откако ширењето на вирусот во Кина се смири и животот започна да се враќа во нормала, СЗО ја прогласи Европа за нов епицентар на коронавирусот.