Büşra Nur Bilgiç
05 Ноември 2019•Ажурирај: 06 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, денеска изјави дека Турција ќе ги врати заробените припадници на ДЕАШ назад во Европа, од каде што доаѓаат, јавува Anadolu Agency (AA).
Сојлу го критикуваше предлогот на белгиските официјални претставници дека судењата на припадниците на ДЕАШ треба да се извршат таму каде што се извршени злосторствата. „Без разлика, што и да прават [Европејците], Турција се подготвува да ги испрати припадниците на ДЕАШ назад таму од каде што дошле“, изјави Сојлу.
„Зошто не ја испорачавте Фехрие Ердал, доколку судењето треба да биде извршено таму каде што е извршено и злосторството? Европа применува двојни стандарди, како што и секогаш правела“, додаде тој.
Бизнисменот Оздемир Сабанџи, генералниот директор на „Toyotasa“, Халук Ѓорѓун и секретарката Нилѓун Хасефе, на 9 јануари 1996 година беа убиени во „Истанбул Сабанџи центар“ од страна на терористката на ДХКП-Џ, Фехрие Ердал и двајца нејзини соработници.
Терористката Ердал, по атентатот врз Сабанџи избега од Турција, а во 1999 година беше фатена со фалсификуван пасош на име „Неше Јилдирим“, по пожарот кој избувна во нејзината куќа во градот Кноке во Белгија. Турскиот суд на судење во отсуство ѝ додели затворска казна од 15 години.
Белгија го отфрли барањето за екстрадиција на Ердал во Анкара, бидејќи смртната казна уште тогаш беше во сила во Турција. Барањето на Ердал за политички азил го отфрли и Белгија.
Бриселскиот Кривичен суд во 2016 година донесе пресуда дека на Ердал треба да ѝ се суди во Белгија за злосторства што ги извршила во Турција. Белгиски обвинител побара 30-годишна отежната затворска казна за Ердал и дополнителна безбедносна претпазливост од 15 години. Кривичниот суд донесе пресуда во 2017 година во отсуство, доделувајќи ѝ на Ердал 15-годишна казна за нејзините кривични дела извршени во Турција.
ДХКП-Џ е одговорна за голем број терористички напади во Турција, вклучувајќи го и нападот во 2013 година врз Американската амбасада во Анкара, во кој загина едно турски државјанин кој работел во обезбедувањето. Групата е заведена како терористичка организација од страна на Турција, САД и ЕУ.
Сојлу исто така рече дека Турција, вчера, во областа Азаз во северозападниот сириски град Алепо ги заробила сестрата на водачот на ДЕАШ, Ал Багдади и нејзиниот сопруг.
Тој додаде дека се спроведуваат потребните истраги во Азаз.
- Борбата на Турција против ДЕАШ -
Во турската операција „Извор на мирот“, покрената на 9 октомври, Турција се бореше за расчистување на терористите на ПКК во северна Сирија источно од реката Еуфрат, истовремено обезбедувајќи затворениците на ДЕАШ да не бидат ослободени.
Турција презема мерки против членовите на ДЕАШ од почетокот на сириската граѓанска војна во 2011 година.
Според судските извори, на над 70.000 лица им е забранет влез во земјата, а над 7.000 поврзани со терористичките групи или бегалци се депортирани.
Турција ги критикуваше европските земји поради тоа што им дозволуваат на овие луѓе да стигнат до нивните граници.
Бидејќи Турција ја стави ДЕАШ на листата терористички организации во 2013 година, таа повеќепати беше изложена на напади од нејзините терористи, вклучувајќи 10 самоубиствени, 7 бомбашки и 4 вооружени напади во кои загинаа 315 луѓе, вклучувајќи полицајци и војници, додека стотици беа повредени.
Како одговор на овие напади, Турција покрена антитерористички операции во земјата и надвор од неа, неутрализирајќи 3.500 терористи на ДЕАШ и апсејќи 5.500 од нив.