Tezcan Ekizler
14 Април 2020•Ажурирај: 15 Април 2020
ИЗМИР (AA) – ТЕЗЏАН ЕКИЗЛЕР -
Групата за истражување и развој на вакцини при Универзитетот „Еге“ во Измир, Турција, започна да го тестира антигенот во лабораторија, што е прва фаза во изнаоѓање на домашна вакцина за ДНК, со цел заштита од новиот вид коронавирус, Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Центарот за развој на лекови и фармакокинетичко истражување (ARGEFAR) од Универзитетот „Еге“, ги поддржува проектите за Ковид-19 на Институтот за генетско инженерство и биотехнологија поврзан со Центарот за истражување „ТУБИТАК Мармара“.
Групата вклучува 32 научници од Универзитетот „Катип Челеби“ во Измир, од Генералниот директорат за јавно здравје при Министерството за здравство, Лабораторијата за национална вирологија, Центарот за биомедицина и геном во Измир, Институтот за ветеринарна контрола во Измир при Министерството за земјоделство и шумарство и од Нобеловата фармацевтска индустрија.
Турските научници за една недела ги завршија студиите за антигенот, кој е прва фаза за вакцината.
Научниците кои работеа 24 часа наизменично во АРГЕФАР, започнаа со тестирање на антигени во лабораториски услови која ја дизајнирале за да развијат вакцина за ДНК, со цел заштита од новиот вид коронавирус, Ковид-19. По тестирањето научниците започнаа со втората фаза.

Доц. д-р Мерт Дошкаја од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Еге“, во изјавата за дописникот на АА истакна дека од 2007 година е вклучен во студии за вакцинирање и развој на лекови.
Базирајќи се на бројките објавени на страницата на Светската здравствена организација, д-р Дошкаја рече дека во светот повеќе од 50 центри работат на пронаоѓање вакцина за коронавирусот.
„Всушност, студиите во Турција се во слична фаза со нив. Пет од тие центри стигнаа до клиничката фаза, поточно до првите испитувања кај луѓето. Другите се подготвуваат за експерименти кај животни“, нагласи Дошкаја.
Истакнувајќи дека генетската структура на Ковид-19 е променета во споредба со САРС и МЕРС, Дошкаја рече дека се зголемила патогеноста на вирусот, која ја дефинира моќта за нарушување на структурата на клетките.
Дошкаја исто така додаде: „Ние многу сакаме да развиеме локална вакцина за ДНК. Ја завршивме првата фаза од нашите студии за антигенот. Сега планираме да ја утврдиме ефикасноста на вакцините за ДНК што ќе ги создадеме со овие гени и ќе ги тестираме кај животните во рок од четири месеци. Имаме цел за најкраток временски период со вакцината да започнеме клинички тестови.“
Директорот на АРГЕФАР, проф. д-р Ерџумент Карасулу, исто така посочи дека центарот 27 години спроведува истражување на лекови.
Потсетувајќи дека со препорака на ректорот на Универзитетот „Еге“, проф. д-р Неџдет Будак ја формираше групата за развој на вакцини и лекови пред 2,5 години, Карасулу нагласи: „Ние аплициравме во рамките на Проектот за извонредност инициран од Советот за научни и технолошки истражувања (ТУБИТАК). Нашата апликација беше прифатена за [истражувања] епидемијата на коронавирусот. Со тоа брзо ги започнавме студиите за развој на домашни вакцини за ДНК.“
Ректорот на Универзитетот „Еге“, Будак, истакнувајќи дека нивниот универзитет има длабоко вкоренета историја, рече дека верува дека ќе развијат вакцина за Ковид-19 и ќе покажат дека се еден од најважните научни центри во светот.