Riyaz Ul Khaliq
09 Февруари 2021•Ажурирај: 10 Февруари 2021
АНКАРА
Тимот на меѓународни експерти од Светската здравствена организација (СЗО) и Кина денес соопштија дека не постојат доволно докази дека коронавирусот се проширил во Вухан пред декември 2019 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето на прес-конференцијата во Вухан, лидерот на кинескиот тим, д-р Лианг Ваинан, изјави: „Откривањето на вирусната секвенца на коронавирусот сугерира дека вирусот потекнува од зоонотски пренос, но домаќинот сè уште не е идентификуван.“
„Не постојат доволно докази дека Ковид-19 се проширил во Вухан пред декември 2019 година“, изјави тој и додаде: „Не постојат индикации.“
Тимот на СЗО од 17 членови денес го заврши првиот дел од својата истрага за потеклото на Ковид-19. Паралелен тим од Кина од 17 членови му се придружи на тимот на СЗО во истрагата.
Д-р Петер Бен Ембарек, од тимот на СЗО, на прес-конференцијата изјави дека поставиле две цели кога започнало истражувањето.
„Да се обидеме да разбереме што се случило на почетокот од Ковид-19 во Вухан и да сфатиме како се случило тоа... како вирусот се појавил и е воведен меѓу човечката популација“, изјави Ембарек.
Тој додаде дека доказите укажуваат на природен извор на вирусот, односно на популацијата на лилјаци.
„Но бидејќи Вухан не се наоѓа во близина на живеалиштето на лилјаците, затоа е неверојатен директниот пренос на вирусот во Вухан. Како вирусот се појавил таму, допрва ќе се дознае“, изјави тој.
Ембарек изјави дека истражувачите ги проучувале можните начини за пренос на вирусот на луѓе, како што се дивите животни, во друга средина каде луѓето и животните се во контакт.
„Домаќинот сè уште треба да се идентификува“, изјави Ембарек.
Членот на тимот на СЗО рече дека тимовите користеле четири главни хипотези за да ја извршат својата анализа; директен скок на вирусот од животно на човек, скок на вирусот на човек преку посредник домаќин, синџир на исхрана, потенцијални замрзнати прехранбени производи, што служат како површина за ширење на вирусот кај луѓето, и можност за лабораториски инцидент, што е крајно малку веројатно.
Д-р Лианг рече дека меѓународните експерти на СЗО доаѓаат од 10 други земји, а започнале со работа на 14 јануари и извршиле теренски посети и истражувања, покрај деталните презентации и интервјуа.
„Разноликоста на секвенцата на коронавирусот се појави во раната епидемија на Вухан, што укажува на тоа дека постојат синџири за пренос надвор од пазарот за морски плодови во Хуанан“, рече Лианг.