Aşkın Kıyağan
14 Април 2020•Ажурирај: 15 Април 2020
ВИЕНА
Во Австрија, која ги примени острите мерки во борбата против новиот тип на коронавирус, отворени се продавниците помали од 400 квадратни метри, како прв чекор кон нормализација на состојбата во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Отворени се и поголемите продавници со градежен и градинарски материјал со задолжително придржување кон строгите хигиенски мерки како што се носење маски и држење на растојание.
Австриската Влада која постепено ги спроведуваше строгите мерки од 25 февруари, кога вирусот за прв пат беше откриен во земјата, дозволи отворање на некои продавници бидејќи стапката на пренесување на вирусот е намалена до два отсто.
Во тој контекст, дозволена е работа на продавниците со големина помала од 400 квадратни метри со тоа дека е обврзувачка примената на социјална оддалеченост со користење на маски и средства за дезинфекција.
Освен продавниците, отворени се и паркови, кои беа затворени поради пандемијата.
Оваа одлука на Владата се смета за прв чекор кон нормализација на состојбата во земјата.
Во Австрија се планира на 2 мај да се отворат и другите места како трговски центри, фризерски и козметички салони, со почитување на мерките, со цел потполно нормализирање на животот во земјата.
Министерството за здравство на Австрија потврди дека со Ковид-19 се заразени 14.159 лица, а од последиците на вирусот починале 384 лица.
Сериозен пад на бројот на нови случаи и пораст на бројот на луѓето кои се излекувани во земјата во последните 10 дена, го потврди и министерот за здравство Рудолф Аншобер, кој рече дека првата фаза од борбата против пандемијата е успешно завршена.
Премиерот Себастијан Курц најави дека полицискиот час ќе трае до крајот на април.