Ekip
14 Април 2020•Ажурирај: 15 Април 2020
РИМ
Тим составен од експерти од Италија и Велика Британија забрзано работи на развојот на вакцина против Ковид-19, која би можела да биде готова веќе во септември оваа година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Проектот заедно го спроведуваат италијанската компанија „Advent-IRBM“ со седиште во градот Помезија, јужно од Рим и Институтот „Џенер“ при Универзитетот Оксфорд.
Тимот на научници веќе ги презеде потребните активности за да го забрзаат тестирањето на вакцини на луѓето, кое би требало да започне во Велика Британија кон крајот од април.
Пиеро ди Лоренцо, извршен директор и основач на „Advent-IRBM“ изјави дека првите тестирања ќе бидат извршени на волонтери.
„Со оглед на податоците собрани во текот на последните неколку недели, првите вакцини ќе тргнат за Англија, каде ќе започнат тестирањата на 550 здрави волонтери“, изјави Ди Лоренцо.
Тој објасни дека тимот одлучил да ги направи тестирањата на луѓето откако е потврдена „нетоксичноста“ на вакцината, која настанала како резултат на ефикасни лабораториски испитувања.
„Доколку првата фаза на клинички испитувања биде успешна, очекуваме вакцината да биде подготвена за употреба, за веќе во септември да се изврши вакцинирање на здравствениот персонал и службениците за спроведување на законот“, изјави Ди Лоренцо.
Тој исто така додаде дека во тек се разговорите со група на меѓународни инвеститори и неколку влади за конкретна инвестиција, која додатно би го забрзала развојот на вакцината и нејзиното индустриско производство.
Сара Гилберт, експертка од Универзитетот Оксфорд исто така искажа оптимизам во поглед на резултатите од тестирањата, додавајќи дека е 80 отсто сигурна дека вакцината која ја развил нејзиниот тим ќе биде успешна.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО) моментално се работи на развој на 70 вакцини во светот, од кои три веќе добиле одобрение за тестирање на луѓето.