Şerife Çetin,Ata Ufuk Şeker
04 Мај 2020•Ажурирај: 05 Мај 2020
БРИСЕЛ
Претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лејен соопшти дека на денешната конференција Глобален одговор на пандемијата на Ковид-19 биле собрани вкупно 7,4 милијарди евра за поддршка на развојот на лекот и вакциата против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Светот денес покажа дека е обединет во борбата против Ковид-19. Учесниците ветија дека ќе донираат вкупно 7,4 милијарди евра за потребите на развојот на дијагностиката, лекувањето и вакцина против Ковид-19“, изјави Вон дер Лејен.
Истакнувајќи дека е покрената невидена соработка на глобален план, Вон дер Лејен изрази голема благодарност до научниците и истражувачите кои трагаат по решение на проблемот со пандемијата.
Станува збор за собир кој Европската комисија го организираше денес преку видео-конференција со цел собирање 7,5 милијарди евра.
Конференцијата е организирана во согласност со апелот на Светската здравствена организација (СЗО), а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им се обрати на учесниците со видео-порака, во која рече дека вакцината треба да биде во сопственост на целото човештво и дека Турција ќе го објави износот на својата донација до 23 мај.
На учесниците им се обрати и претседателот на Франција Емануел Макрон кој зборуваше за важноста на напорите идната вакцина да биде достапна за сите во светот.
Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека денешната конференција е момент на надеж каде лидерите можат да се фокусираат на вистинска мултилатерална соработка и надвор од пандемијата.
Европската унија вети милијарда евра, Германија 525 милиони евра (547 милиони долари), а Франција вети донација од 500 милиони евра (546 милиони долари) за потребите за развој на лек и вакцина против Ковид-19.
Меѓу останатите донатори се Јапонија која вети 762 милиони евра, Канада 551 милион, Саудиска Арабија 457 милиони, Велика Британија 441 милион, Швајцарија 350 милиони, Мексико 274 милиони и Австрија 205 милиони евра.
Во наредните денови се очекува зголемување на собраната сума на пари, а конференцијата ја поддржаа голем број земји од светот, со исклучок на САД кои не учествуваа.