Rıyaz Khalıq
24 Јануари 2020•Ажурирај: 24 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Најмалку 25 лица починаа од новиот коронавирус, познат како 2019-nCoV, во Кина, а најмногу случаи се забележани во централната покраина Хубеи, објавија денеска локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Симптомите на новиот вирус наликуваат на оние на пневмонија, предизвикувајќи уште поголеми стравувања во Кина во пресрет на утрешните прослави на кинеската Нова година.
Најмалку 24 пациенти починале во покраината Хубеи, додека еден смртен случај е пријавен во североисточната кинеска покраина Хебеј.
Кинеските здравствени власти денеска соопштија дека е потврдено дека 830 лица се заразени со вирусот.
Вирусот првпат се појави во градот Вухан, главниот град на Хубеи, и во моментов е проширен низ 29 покраини во земјата. Најмалку 11 случаи се откриени во Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, САД, Сингапур и Виетнам.
Според „ЦГТН њуз“ (CGTN news), еден случај е откриен и во северниот кинески автономен регион Внатрешна Монголија.
Пријавени се пет потврдени случаи на новиот вирус во автономните региони Хонг Конг и Макао, како и во Тајван.
Светската здравствена организација (WHO) вчера одржа состанок во врска со вирусот во Женева. Сепак, не ја прогласи појавата на вирусот како глобална вонредна состојба.
Кинеските власти соопштија дека испитале 9.507 случаи на близок контакт на пациенти, од кои 8.420 се под медицински надзор, додека 1.087 други се отпуштени.
- Летовите и јавниот транспорт прекинати -
Многу авиокомпании ги прекинаа летовите кон Вухан поради стравот од пренесување на вирусот, додека Пекинг ги откажа големите активности во врска со новогодишните прослави.
Вухан го прекина јавниот транспорт со цел да го спречи понатамошното ширење на смртоносниот вирус.
Пролетниот фестивал, или кинеската Лунарна нова година, оваа година е на 25 јануари. Прославите честопати вклучуваат панаѓури пред храмовите, спортски активности и изложби, што обично се одржуваат во Пекинг.
Патниците од Кина се прегледуваат на неколку аеродроми во светот. Турција одлучи да ги скенира сите патници кои пристигнуваат од Кина со термички камери на аеродромите.
Светската здравствена организација соопшти дека кинеските власти сметаат дека причината за мистериозните случаи на пневмонија на новиот коронавирус доаѓа од фамилијата на САРС (Тешкиот акутен респираторен синдром) и МЕРС (Блискоисточниот респираторен синдром).
Според кинеските истражувачи, 2019-nCoV е околу 70 отсто сличен на SARS-CoV и 40 отсто сличен на MERS-CoV.
За време на епидемијата на САРС во 2003 година, починаа над 700 лица, претежно во Азија.
- Лилјаците, можен извор на коронавирусот -
Истражувачите открија клучен протеин суштински за заразувањето на луѓето со новиот коронавирус, што укажува дека можен природен извор на вирусот може да се лилјаците.
Кинеските научници открија дека вирусот им бил пренесен на луѓето преку „дивите животни“.
Вирусот во првата фаза предизвикува висока температура, кашлање и останување без здив, додека во подоцнежните фази предизвикува пневмонија, откажување на бубрезите и смрт.
Кинеските здравствени власти предупредија дека вирусот има потенцијал да мутира.
Ли Бин, официјален претставник на Националната здравствена комисија на Кина, информира дека коронавирусот се пренесува преку респираторниот тракт.
„Постои можност за мутација на вирусот и понатамошно ширење на болеста“, додаде тој.