Hakan Çopur
24 Јануари 2020•Ажурирај: 24 Јануари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Мировниот план за Блискиот Исток ќе го објави пред приемот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа, што е најавено за вторник, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп во разговор со новинарите за време на летот за Флорида изјави дека во вторник во Белата куќа ќе се состане со израелскиот премиер Нетанјаху, а дека дотогаш ќе го објави планот кој го најавува како „Договор на векот“.
„Кратко контактирав и со Палестинците, но со тек на времето ќе се состанам и со нив. Договорот нуди голем број погодности за нив. Сигурен сум дека Палестинците ќе негодуваат на почетокот, но договорот е всушност многу позитивен за нив“, изјави Трамп.
Претходно од Белата куќа е соопштено дека израелскиот премиер Нетанјаху и лидерот на Сино-белата коалиција, Бени Ганц, во вторник со Трамп ќе разговараат за мировниот план за Блискиот Исток.
Планот на Трамп за решавање на блискоисточната криза со т.н. „Договор на векот“, досега не е претставен на јавноста, а некои медиуми пишуваа дека содржи голем број одредби кои одат на штета на Палестинците, вклучувајќи сочувување на нелегалните еврејски населби на Западниот Балкан и предавање на Ерусалим во целост под контрола на Израел. Истите извори тврдат дека планот воопшто не го третира правото на враќање на протераните речиси 6 милиони Палестинци.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека тоа не е „Договор на векот“, туку „шлаканица на векот“, кој не содржи ништо поволно за Палестинците, со исклучок на некоја економска поддршка.