Ahmet Gürhan Kartal
24 Јануари 2020•Ажурирај: 24 Јануари 2020
ЛОНДОН (АА) - Предлог-законот за напуштање на ЕУ кој на Велика Британија ѝ овозможува излез од Блокот на 31 јануари, стапи на сила, откако кралицата Елизабета II го одобри, јавува Агенција Анадолија (АА).
Предлог-законот беше усвоен од страна на Домот на лордовите вчера, откако тој беше вратен во Горниот дом на Парламентот и беа отстранети разни амандмани.
Законодавството со кое ќе се спроведе Договорот за повлекување, за кој премиерот Борис Џонсон преговараше со ЕУ, беше во очекување да се одобри од Кралството и да стане закон.
Според ваквиот закон, Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 31 јануари, кога ќе започне транзицискиот период кој истекува на 31 декември 2020 година.
Предлог-законот на Договорот за повлекување од ЕУ ја помина првата фаза на правната процедура во октомври, но процесот беше паузиран од страна на премиерот Џонсон откако не успеа да добие одобрување за да премине во закон пред претходниот краен рок 31 октомври.
Пропуштајќи го крајниот рок, 31 октомври, и принуден да бара продолжување од ЕУ, Џонсон свика предвремени парламентарни избори откако ЕУ дозволи продолжување на крајниот рок за Брегзит до 31 јануари 2020 година.
Обезбедувајќи мнозинство во Долниот дом на Парламентот на декемвриските избори, Џонсон овозможи Предлог-законот да стапи на сила пред крајот на јануари.
Велика Британија реши да го напушти Блокот по повеќе од 40 години членство на референдумот што се одржа во јуни 2016 година.
Со новото законодавство, Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 31 јануари, петок, во 23:00 часот по локално време, 3,5 години по референдумот.