Safvan Allahverdi
24 Јануари 2020•Ажурирај: 26 Јануари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Поранешниот фудбалер кој во Турција е осомничен за членство во терористичката организација ФЕТО, Ариф Ердем, снимен е во бегство во Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Репортерите на телевизијата „ТРТ Хабер“ го снимија Ердем во моментот кога со сопругата излегува од ресторан и влегува во луксузен црн автомобил.
Обвинителството на Република Турција води истрага за инфилтрираните елементи на ФЕТО во турскиот фудбал, а во рамките на тој случај издадени се потерници за осомничените поранешни фудбалери Ариф Ердем, Хакан Шукур, Угур Тутунекер и Исмаил Демириз.
Поранешниот голгетер на Галатасарај, Ердем, со семејството ја напуштил Турција на 23 јуни 2016 година, пет дена по обидот за воен удар кој терористичката организација ФЕТО го изврши во Турција.
Ердем како бегалец прво ја преминал Турција, а последните снимки се потврда на претходните информации дека животот го продолжил во бегство во САД.
Поради обвиненијата дека биле истакнати членови и протагонисти на терористичката организација ФЕТО, раководството на Галатасарај ги исклучи Ариф Ердем и Хакан Шукур од клубот.
ФЕТО е терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во САД, за кого Турција официјално од САД бараше испорачување.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во турското правосудство со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвав обид за соборување на избраната власт, односно обид за пуч кој го изведоа офицери кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа којашто не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални лица. Во текот на обидот за пуч во Турција животот го загубија 251, а беа повредени околу 2.200 лица.