İzzet Taşkıran
24 Јануари 2020•Ажурирај: 24 Јануари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - На аеродромот „Истанбул“ со термални камери се контролираат патниците кои доаѓаат од Кина поради епидемијата на коронавирусот од новиот тип кој се појави во кинескиот град Вухан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Авионите кои тргнаа од Пекинг, Гуангџоу и Шангај, во 06:00 часот по локално време слетаа на аеродромот „Истанбул“.
Патниците кои се симнаа од овие авиони беа детално контролирани со термални камери од страна на здравствени екипи на Министерството за здравство на Турција.
Д-р Ајкут Јенер Кавак од здравствениот тим, во изјава за медиумите истакна дека термалните камери се системи кои ја покажуваат телесната температура над 38 степени.
„Ако некој има температура над 38 степени, него го одвојуваме од групата и вршиме прва интервенција и испитување. Доколку постои можност да постои ризик или некаков случај, по завршување на испитувањата најпрво го носиме во некоја од собите за карантин, а потоа го пренесуваме во болница со специјално опремено амбулантно возило“, рече тој.
Инаку, Министерството за здравство на Турција вчера соопшти дека сите патници кои доаѓаат од Кина ќе бидат контролирани со термални камери.