Kemal Karadağ
23 Март 2020•Ажурирај: 24 Март 2020
АНКАРА
Министерот за здравство на Република Турција, Фахретин Коџа соопшти дека во Турција денес се потврдени седум нови смртни случаи предизвикани од новиот тип на коронавирус, а при тестирањето, потврдени нови 293 случаи на лица заразени со Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во изминатите 24 часа добивме резултати за 3.672 тестови на коронавирус. Утврдени се 293 нови случаи на зараза. И покрај напорите кои ги вложуваме, болеста ги победи седум наши пациенти“, соопшти Коџа на Твитер.
Ресорниот турски министер Коџа посебно испрати предупредување до младите да не мислат дека се исклучени заканите од актуелната епидемија.
„Успорете го темпото на живот. Не се изложувајте на ризик. Не го носете ризикот дома. Останете дома“, порача Коџа.
Во Турција досега со коронавирус се заразени вкупно 1.529 лица, а од последица на заразата починаа 37 лица.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан. Смртоносниот вирус брзо се прошири во повеќе земји, а Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија на Ковид-19.
Според податоците на порталот „Worldometer“, со коронавирус досега во светот се заразени 374.490 луѓе, а најмалку 16.349 починале како последицата на заразата. Излечени се 101.520 лица.
Пандемијата најтешко ја погоди Италија во која од последица на заразата починаа 6.077 лица, потоа следуваат Кина со 3.270 починати, Шпанија со 2.207 починати и Иран во кој од последиците предизвикани од вирусот Ковид-19 починаа 1.812 лица.