Ayhan Şimşek
23 Април 2020•Ажурирај: 24 Април 2020
БЕРЛИН
Германската канцеларка Ангела Меркел денеска вети значајни средства во истражувањето на Ковид-19, нагласувајќи дека можната вакцина против Ковид-19 би требало да биде достапна за сите земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во своето обраќање на пратениците во германскиот Парламент пред видеоконференцијата меѓу европските лидери, Меркел нагласи дека враќањето во нормален живот низ светот би било возможно само доколку се развие вакцина против вирусот.
„Науката не е никогаш национална, науката му служи на човештвото“, нагласи Меркел, повикувајќи на посилна меѓународна соработка во напорите за развивање на вакцина против Ковид-19.
„Доколку пронајдеме лек или вакцина, го тестираме и одобриме, тогаш тој мора да биде достапен за целиот свет“, нагласи таа.
Германија вчера го одобри првото клиничко испитување на вакцината против Ковид-19 врз луѓе, развиена заеднички од компанијата „Бионтек“ и фармацевтскиот гигант „Фајзер“.
Научниците и истражувачите се обидуваат да пронајдат вакцина за вирусот од кој се заразени над 2,6 милиони во светот и од чии последици починаа повеќе од 183.000 лица.