Ahmet Gürhan Kartal
27 Март 2020•Ажурирај: 29 Март 2020
ЛОНДОН
Лондонската метрополска полиција ги повика пензионираните службеници да се вратат на работа за да помогнат во екот на ширењето на коронавирусот, што би можело да предизвика невидена криза во таа британска метропола, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во наредните недели ќе се соочуваме со поголеми барања и предизвици, а сакам луѓето да знаат и да видат дека полицајците се нивни херои“, порача полициската комесарка, Кресида Дик.
Таа исто така ги замоли полицајците што се блиску до пензионирање да размислат за останување во службата.
Таквите повици до искусните полициски службеници полицијата ги упати откако половина милион Британци волонтерски се пријавија за помош во националниот здравствен и социјален систем.
„Полициските службеници посветено работат и им помагаат на луѓето и тоа со ист жар како и од првиот ден кога влегле во служба. Се надевам дека искусните поранешни полицајци ќе се одлучат за враќање во службата и така ќе му помогнат на Лондон во овој тежок период“, порача Дик.
Во Лондон веќе една недела на сила се мерките за борба против коронавирусот кои вклучуваат различни ограничувања на движењето и задолжителна социјална дистанца.
Во Велика Британија од последиците на заразата со коронавирусот починаа најмалку 578 лица, од кои повеќе од стотици починаа во изминатите 24 часа. Во Велика Британија со коронавирусот се заразени 9.529 лица.
Во Лондон се заразени 3.919 лица, што е речиси 40 отсто од вкупниот број на заразени Британци. Според податоците од изутрина, во Лондон починаа 184 заболени.
Велика Британија презема мерки поради очекуваниот раст на бројот на заразени, а посебно тие мерки се однесуваат на Лондон како епицентар на епидемијата во таа земја.
Од Министерството за одбрана на таа земја е соопштено дека 20.000 војници се подготвени да помогнат во сузбивањето на пандемијата на Ковид-19.