АНКАРА (АА) - АЈСУ БИЧЕР -
Десетици милиони работици низ светот се на работ од губење на работата во услови на пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), соопшти Агенцијата за труд на Обединетите нации (ОН), притоа укажувајќи на потребата од унапредување на општествениот дијалог помеѓу владите, работодавачите и работниците во однос на креирањето на политиките за време на кризата, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во петокот, Меѓународната организација за труд (ILO) соопшти дека затворањето на работнитe местa доживува толку брз раст што 81 отсто од глобалната работна сила живее во земји во кои затворањето на работните места е задолжително или препорачано.
„Во земјите со среден приход, ова претставува 87 отсто од работната сила, додека во земјите со високи приходи 70 отсто“, рече генералниот директор на ИЛО, Гај Рајдер,
Тој додаде дека Ковид-19 сега влијае и на светот во развој, каде што капацитетите и ресурсите за одговор на кризата се сериозно ограничени, повикувајќи ги ММФ и Светската банка да го насочат својот одговор кон овозможување итни олеснувања за работниците.
Податоците на Меѓународната агенција за труд покажуваат дека работното време ќе се намали за 6,7 отсто во вториот квартал на 2020 година, што е еднакво на загубата на 195 милиони работни места со полно работно време.
Иако многу земји најавија големи пакети за спасување со цел да ги ублажат економските ефекти од Ковид-19 врз работните места во светот, пандемијата продолжува да предизвикува хаос врз економијата, на глобално ниво.
- Општествениот дијалог клучен за заштита на работниците -
„Резултатите од овие пакети со поголема веројатност ќе бидат позитивно почувствувани во земјите каде што работниците се организирани и во земјите во кои се слуша нивниот глас“, рече за Агенција Анадолија (АА) Нуман Озџан, претставник на Меѓународната агенција за труд во Турција.
Тој додаде дека ова е причината поради која Меѓународната агенција за труд силно препорачува промовирање на општествен дијалог во кој ќе бидат вклучени властите, работодавачите и работниците, со цел креирање политики за време на криза.
Главната цел на општествениот дијалог е да промовира градење консензус и демократско вклучување меѓу главните засегнати страни во доменот на работата.
„Земјите со успешни процеси на социјален дијалог имаат потенцијал да се справат со економските кризи, кои длабоко влијаат врз општеството“, истакна Озџан, потенцирајќи дека лекциите од минатите кризи ја покажале важноста на социјалниот дијалог при формирањето општествени економски политики во вакви околности.
Посочувајќи на актуелните мерки преземени од владите низ светот, тој истакна дека многу земји всушност ја мобилизирале минималната социјална заштита што ја препорачува Меѓународната агенција за труд.
Оценувајќи го ова како позитивен развој, тој рече дека многу земји започнале да даваат поддршка за приходи на семејствата со ниски примања без оглед на видот и должината на нивното вработување.
Според Озџан, во февруари оваа година, неколку земји најавиле мерки за социјална заштита, но оваа бројка се зголемила на 46 земји во март, бидејќи негативните влијанија на вирусот станаа уште посилни.
Исто така, осврнувајќи се на предизвиците од кои работниците имаат корист од социјалната заштита за време на коронавирусот, тој рече дека 60 отсто од вработените работат во неформалната, сива економија.
„Овие работници, кои претежно работат во земјите во развој, се исклучени од системот за социјално осигурување“, рече тој.
Озџан вели дека за да има корист од краткорочен работен додаток, на пример, вработеното лице мора да биде дел од овој систем со цел да дојде до економските придобивки.
„Меѓународната организација за труд предлага владите да ја прошират социјалната заштита за време на ваквите кризни периоди на сите луѓе без оглед на нивната мината историја за вработување“, истакна Озџан.
- Посткоронавирус сценарио -
Озџан рече дека важноста на унионизмот станала поочигледна поради негативните последици на коронавирусот.
Тој подвлече дека во скандинавските земји, процентот на вработени кои се членови во синдикатите се движи од 70 до 90 отсто, а економските мерки за заштита на правата на работниците главно се засноваат на заеднички консензус.
„Иако процентот на работници членови во синдикатите не е многу висок во Франција, сепак стапката на придобивки од колективните договори е висока, што значи, дури и ако работникот не е член на синдикатот, тој или таа сè уште можат да имаат корист од колективниот договор направен во одреден сектор“, нагласи Озџан.
„Во земјите каде што општествениот дијалог е силен, гледаме дека излезот од кризата ќе биде побрз“, смета претставникот на Меѓународната агенција за труд.
„Во ерата на посткоронавирусот, во зависност од изборот што ќе го правиме, или ние [луѓето] ќе се развиваме кон целосно дисперзирано општество или луѓето подобро ќе ја разберат важноста на организирање во светот на работата“, рече Озџан.
Тој рече дека доколку луѓето започнат да работат од далечина (од дома), тие нема да се собираат и затоа ќе им биде потешко да се организираат. Тој додаде дека веројатно нема да има потреба од синдикати во практика, или ќе биде потешко синдикатите да ги организираат вработените.
Сепак, Озџан истакна дека сè уште ќе биде неопходно владите и работодавачите да ги почитуваат меѓународните минимални работни стандарди, како што е правото на организирање безбедност и здравје при работа и социјална заштита во периодот по коронавирусот.
„Исто така, социјалниот дијалог (општествениот дијалог), колективните договори и договорите на секторско ниво ќе бидат поважни од кога и да било во однос на заштитата на луѓето кои работат на нови начини на вработување“, заклучи Озџан, претставникот на Меѓународната агенција за труд во Турција.