Dejan Maksimovic
21 Јули 2020•Ажурирај: 24 Јули 2020
ПАРИЗ
Францускиот фудбалер Килијан Мбапе ја потврди својата приврзаност кон Париз Сен Жермен и своето останување четврта сезона во главниот град на Франција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Еден од најдобрите француски играчи, 21-годишниот Мбапе во последно време медиумите често го селеа во Реал Мадрид, бидејќи тој е голема желба на неговиот сонародник Зинедин Зидан, кој од клупата го предводи славниот шпански клуб. Моменталниот договор на Мбапе со ПСЖ трае до 2022 година, што е една од причините за се почестите шпекулации.
„Тука сум во Париз и сакам да бидам дел од овој проект. Ќе бидам во ПСЖ во следната сезона и ќе се обидам да освојам што повеќе трофеи“, рече Мбапе за „BeinSports-France“ и додаде:
„Четврта година сум дел од овој проект. Тоа е битно, знаејќи дека клубот ја слави 50-годишнината од основањето. Затоа ова е важна година во очите на тимот, навивачите, и затоа ќе се обидам да ги освојам сите можни трофеи и да ја дадам најдобрата верзија од себе“.
ПСЖ, кој по прекинот на Лига 1 поради пандемијата на коронавирусот е прогласен за шампион на Франција, моментално се подготвува за продолжување во натпреварувањето во Лигата на шампиони. Во четвртфиналето од завршниот турнир во Лисабон на 12. август ќе игра против Аталанта.
Мбапе од доаѓањето во ПСЖ досега настапи на 120 натпреварувачки натпревари, постигнувајќи 90 погодоци. На паркот на принцевите пристигна летото 2017 година, прво како изнајмен играч, а потоа и на трајна основа, во трансфер вреден 170 милиони евра. Во дресот на репрезентацијата на Франција, со кој ја освои титулата светски шампион 2018 година, настапи на 34 средби, постигнувајќи 13 погодоци.