Ekip
21 Јули 2020•Ажурирај: 22 Јули 2020
МАДРИД
Ширењето на новиот тип на коронавирус во Шпанија по завршувањето на вонредната состојба продолжува непрестано да се зголемува, а Министерството за здравство денес потврди 1.362 нови случаи на заразување со Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во текот на изминатата недела во Шпанија се регистрирани 8.754 нови случаи на заразување со Ковид-19, што е најмногу од кога Министерството за здравство кон средината на мај го промени начинот на објавување на бројот на заразени. Бројот на заразени во текот на изминатата недела е речиси два пати поголем отколку пред само седум дена, што предизвика загриженост во Шпанија.
Исто така, бројот на хоспитализирани пациенти во текот на изминатата недела се зголеми на 268, во однос на 176 колку се регистрирани во претходната. Стапката на смртност е и понатаму стабилна, а во последните 24 часа се забележани два смртни случаи.
Најтешко погодените региони Каталонија и Арагон презедоа мерки на локално ниво за да го спречат ширењето на вирусот.
На жителите на Барселона и другите каталонски општини им се препорачува да останат дома, но законски не се обврзани на тоа. Исто така, на жителите на Сарагоза, престолнината на Арагон, препорачано им е да не го напуштаат градот.
Исто така денес, владата во Барселона објави дека ќе ја намалат максималната потполнетост на десет градски плажи за 15 отсто, намалувајќи го нивниот капацитет од 38.000 на 32.000 луѓе.
Маските се задолжителни на речиси сите јавни простори во Шпанија, со исклучок на Мадрид и Канарските острови, каде се потребни само тогаш кога не може да се одржува социјална дистанца.
Министерството за дравство на Шпанија до сега потврди 266.194 случаи на заразување со Ковид-19, додека од последици на заразеност починаа 28.424 лица.