Barış Seçkin
14 Мај 2020•Ажурирај: 15 Мај 2020
РИМ (АА) - Во Италија, Владата го одобри пакетот од 55 милијарди евра за поддршка на економијата, со цел излез од кризата настаната поради епидемијата на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Џузепе Конте на прес-конференцијата, што ја одржа по седницата на Владата, рече дека подготвен е пакет помош од 55 милијарди евра за семејствата и деловните субјекти.
Премиерот изрази надеж дека економскиот пакет ќе биде усвоен во Парламентот со поддршка на опозицијата.
Конте новиот економски пакет го нарече „декрет за рестартирање“ на земјата.
„Денес постои една земја која има големи потешкотии. Нудиме мерки за рестартирање и поддршка на бизнисите“, нагласи Конте.
Тој информираше дека 25,6 милијарди од пакетот од 55 милијарди евра се наменети за работниците, 15-16 милијарди за компаниите и бизнисите, 3,25 милијарди за здравството, 2 милијарди за туризмот и 1,4 милијарди за универзитетските и научните истражувања.
Италијанскиот премиер изјави дека со оваа уредба забранети се отпуштања од работа во наредните 5 месеци и дека ќе се одложат различни даночни плаќања. За сите бизниси обезбедено е намалување данок од 4 милијарди евра.
Конте рече дека веднаш ќе бидат извршени исплати за поддршка од 600 евра за хонорарни професионалци регистрирани во системот за социјално осигурување, во идниот период поддршката може да се зголеми на 1000 евра.
Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот Конте рече дека нема да дозволат билатерални договори меѓу земјите на Европската Унија (ЕУ) за формирање на туристички коридори.
Тој истакна дека тоа го има кажано и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.