ekipa
27 Декември 2020•Ажурирај: 28 Декември 2020
РИМ
Земјите членки на Европската Унија денес почнаа со координирана акција за вакцинација против коронавирусот, а вакцините први ги примија најранливите категории во општеството од 450 милиони жители на ЕУ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Здравствени работници, постари лица, но и политичари ги примија првите дози во 27 земји членки на Европската Унија (ЕУ), со што е порачано дека вакцините се безбедни и претставуваат најдобра можност да се победи пандемијата.
„Воопшто не болеше. Отворете ги очите и примете ја вакцината“, рече медицинската сестра Михаела Ангел, која прва ја прими вакцината во Романија.
Во Рим, 5 лекари и медицински сестри седеа во полукруг во Болницата за инфективни болести „Спаланцани“ за да примат вакцина.
Во Домот за стари лица „Лос Олмос“ во шпанскиот град Гвадалахара, 96-годишна жена, корисничка на домот, како и вработена во тој дом, беа првите што ја примија вакцината во таа земја.
Чешка беше една од најтешко погодените земји од коронавирусот во текот на есента. Во таа земја прв вакцината ја прими премиерот Андреј Бабиш, кој се обиде да ги увери граѓаните дека нема причина за загриженост. Покрај него, вакцината ја прими и воената ветеранка Емили Репикова.
Севкупно, во 27 држави членки на ЕУ регистрирани се најмалку 16 милиони случаи на зараза со коронавирусот и повеќе од 336.000 смртни случаи.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера во видеопорака наведе дека дистрибуцијата на вакцината за државјаните на ЕУ е „трогателен момент на единство“.
Некои земји на ЕУ, како Германија, Унгарија и Словачка, вакцинацијата ја започнаа вчера, ден пред остатокот на ЕУ.
Европската агенција за лекови (EMA) на 6 јануари ќе одлучи за дозволата за употреба на вакцината на компанијата „Модерна“, која веќе се користи во САД.