АНКАРА (АА) - Европа годинава воведува ограничувања во празнувањето на божиќните празници, при што многу земји преземаат мерки на претпазливост за да се спречи ширењето на коронавирусот, јавува Агенција надолија (АА).
Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека пренесувањето на Ковид-19 низ Европа и понатаму е „широко распространето и интензивно“, апелирајќи до луѓето да носат маски на божиќните семејни собири.
- Германија -
Во Германија е регистрирана најголемата бројка досега, 952 смртни случаи и 27.728 заразени за изминатото деноноќие, а во земјата од вчера стапија во сила построги мерки - затворање на неесенцијалните продавници, училиштата и центрите за грижа на стари лица и деца.
Рестораните и кафулињата ќе нудат услуги само за достава најмалку до јануари.
Сепак, како што најави канцеларката Ангела Меркел во неделата, блиските членови на семејството ќе можат да го поминат Божиќ заедно од 24 до 26 декември, но под одредени ограничувања. Во овој период ќе бидат дозволени посети на најмногу четири возрасни лица од други домаќинства.
Таа исто така ја повика јавноста да се самоизолира една недела пред семејните собири за Бадник, со цел да се намали ризикот од зараза.
„Би сакале да апелираме до сите граѓани, доколку каните членови од други домаќинства за Божиќ, намалете ги вашите контакти седум дена пред да го сторите тоа“, рече таа.
Владата забрани продажба на огномет за новогодишната ноќ.
Пиењето алкохол на јавни места исто така е забрането во периодот од 16 декември до 10 јануари.
- Франција -
Франција ги укина ограничувањата во состав на карантинот во вторникот, кои ги воведе кон крајот на октомври, но ноќниот полициски час ќе продолжи.
Патувањето за време на полицискиот час ќе биде дозволено само поради здравствени причини или за на работа по претходна обезбедена дозвола од локалните власти.
Носењето маски во затворени простории и надвор останува задолжително.
Сите театри, концертни и балетски сали, како и музеите, ќе останат затворени до 7 јануари.
Премиерот Жан Кастекс во вторникот телевизиски говореше за препораките на работната група на земјата за Ковид-19.
„Научниот совет кажува нешто многу разумно - прво, да се изолирате осум дена пред Божиќ, ако можете, секогаш кога е можно.“
- Италија -
Италијанската Влада сè уште разговара за воведување построги мерки за претстојните празници поради коронавирусот, по примерот на Германија и другите европски партнери, во обид да го избегне третиот бран на вирусот на почетокот на следната година.
Експертите и министрите предводени од премиерот Џузепе Конте се поделени во врска со новите рестриктивни мерки, кои може да вклучат речиси целосен карантин во деновите околу главните прослави.
Владата е загрижена дека ублажувањата на мерките за време на божиќните празници може да поттикне поголеми собирања и семејни посети, што пак може да поттикне трет бран на вирусот низ целата земја.
- Велика Британија -
Велика Британија се подготвува за порелаксирани ограничувања, иако во Лондон од вчера важат мерките од Ниво 3, односно, најстрогите ограничувања.
Ќе бидат забранети собири на повеќе од шест лица, како и групирање на јавни места, а луѓето нема да можат да се среќаваат во затворени простории или надвор од своите куќи доколку не се од исто домаќинство.
Во градот, каде што театрите и кината беа принудени уште еднаш да ги затворат своите врати, затворени за своите навивачи повторно ќе бидат фудбалските стадиони, како и спортските сали.
Дозволено е одржување на свадбени церемонии со присуство на најмногу 15 лица и погреби со присуство до 30 лица.
Од друга страна, премиерот Борис Џонсон вчера изјави дека до три различни домаќинства ќе можат да се мешаат во текот на пет дена во периодот околу Божиќ.
На прес-конференција во Даунинг стрит, Џонсон рече дека има загрижувачки знаци од зголемување на бројот на случаи, апелирајќи до граѓаните да бидат екстремно претпазливи за време на празничните денови.
Се очекува илјадници граѓани да патуваат низ земјата за да ги посетат семејствата и пријателите во периодот од 23 до 27 декември.
Велика Британија има систем на мерки од три нивоа против ширењето на вирусот.
Бројот на починати од коронавирусот во земјата изнесува 64.908 и е најголем во Европа.
- Холандија -
Во Холандија од вторникот на сила е вториот карантин кој ќе трае до 19 јануари 2021 година, поради зголемениот број случаи на Ковид-19.
Според новите мерки што ги објави премиерот Марк Руте, отворени ќе бидат само есенцијалните продавници за време на петнеделниот карантин како маркетите за храна, аптеките и пекарниците.
Холандските семејства нема да можат да се собираат во голем број за време на Божиќ, бидејќи дозволени се само двајца гости над 13-годишна возраст.
Училиштата ќе останат затворени до 19 јануари, како и фризерниците и центрите за дневна нега.
Руте, исто така, ја повика јавноста да избегнува непотребни патување во и надвор од земјата.
- Шпанија -
Шпанија вчера го регистрира својот најголем скок на дневни случаи на коронавирусот по неколку недели: Министерството за здравство потврди за уште 11.078 новозаразени.
Реагирајќи во врска со новиот раст на бројот на случаи, шпанскиот премиер Педро Санчез предупреди дека е можна промена на плановите во последен момент во однос на мерките за претпазливост за време на празниците.
„Ако треба да го направиме планот построг, не се сомневајте дека централната Влада ќе побара од регионалните влади да ги затегнат мерките“, рече тој на тензичната парламентарна седница.
Засега Министерството за здравство препорачува да им се дозволи на луѓето да патуваат во посета на пријателите и семејството во текот на целата сезона, ги олабавува рестрикциите околу полицискиот час и дозволува собирање до 10 лица за празниците.
Сепак, регионалните влади го имаат последниот збор за тоа што ќе им биде дозволено на жителите во нивните региони.